Денес претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со носителот на изборна единица 5, Игор Дурловски ја посетија општината Дебар и остварија посета со мештаните. При самата средба Мицкоски порача дека во програмата на ВМРО-ДПМНЕ има такви мерки кои што ќе гарантираат безусловна правда и нула толеранција на корупцијата
„Јас ќе започнам со дилемата дека овие избори се практично една раскрсница како сакаме да ја гледаме нашата држава во следните четири години. Тоа е една суштинска дилема која пред секој еден жител без разлика дали е Македонец, дали е Албанец, Турчин, Влав, Србин, Бошњак, Ром, Египјанец е поставена на овие избори. Овие избори се избор каква Македонија сакаме да видиме за четири години од сега, а јас би рекол и годините кои што следат по овие четири години. Дали сакаме да гледаме Македонија која што ќе биде засрамена, понижена, омаловажена, опљачкана, полна со криминал, корупција, многу неуспеси или Македонија која што ќе биде горда, исправена и која што сите жители кои што се дел од нејзе ќе можат гордо да кажат да јас сум од Македонија, среќни граѓани. Држава во која што секој ќе го пронајде сопственото место затоа што тоа место одговара на неговиот квалитет, на неговите компетенции“, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека граѓаните треба да се определат во каква држава сакаат да живеат, држава во која што секојдневно ќе се гледаат Луј Витон ташничиња полни со пари или пак држава во која што ќе владеат законите, ќе се почитува Уставот, правото и правдината ќе бидат над се.
„Ова се избори во каква држава сакаме нашето семејство да опстои, нашите потомци да опстојат. Но ова се избори кои што ние мора да ги направиме горди нашите предци. Овде нема нација, нема вера, нема религија, сите делиме иста мака. Сите се срамиме од по некој гаф кој што ќе го слушнеме од господинот Зоран Заев кој до вчера беше претседател на Владата. Сите се чувствуваме измамени кога ќе ја стави раката на срце, ќе ја наведне главата налево па ќе спомне и жицата, и семето, и племето итн., кога ќе излаже и нема да ја каже вистината“, потсети Мицкоски.
Мицкоски посочи дека секаде низ целата територија на Република Македонија се чувствува дека обновата доаѓа. Се чувствува дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на овие избори.
„Време е да се исправиме, за да си ја исправиме Македонија. А, на тој начин ја трасираме патеката за оние кои што вреди за се што правиме во нашите животи, тоа се нашите потомци, нашите деца. Но и за оние да им го обелиме образот на кои што ја градеа и создаваа оваа земја. Голем дел од нив и животот го положија за нашата Македонија“, рече Мицкоски.
Мицкоски потсети како СДСМ ветуваше дека ќе донесе правда на голема врата, но за жал од СДСМ граѓаните добија рекет, криминал, сиромаштија и трас-трас судство.
„Да ги вратиме насмевките на нашите лица, доаѓаат најдобрите четири години. Доаѓаат најдобрите четири години кои што се напишани во оние 360 страници читанка која што ја претставуваме пред граѓаните, а ја нарековме „Проект – Обнова“. 360 страници внимателно одбрани, ги пишувавме заедно со членовите на партиските комисии, општинските комитети, со многу партиски експерти, но многу и луѓе кои што не се определени експерти од земјава, странство. Ги пишувавме впрочем и со вас, се сеќавате на онаа акција која што ја имавме „Разговори за обнова на Македонија“. Оваа програма ја создадовме многу внимателно, збор по збор, реченица по реченица, пасус по пасус, ги сложувавме“, нагласи Мицкоски.
Мицкоски додаде дека многу внимателно се избрани проектите кои се ветени во програмата.
„Посебен акцент посветивме на правната држава, почитување на законите и Уставот. Кога работевме со професорка Силјановска, проф. Каракамишева, проф. Наумоски, Спасеновски, многу адвокати, проф. Климовски, многу луѓе од фелата, направивме такви реформи кои што ќе гарантираат безусловна правда и нула толеранција на корупцијата“, истакна Мицкоски.
Мицкоски за крај порача дека се што е ветено по 15-ти јули се ќе се исполни, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ се што ќе вети исполнува.