На вечерашната изборна дебата на Телевизија 21, меѓународниот секретар и кандидат за пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во Изборната единица 1, Д-р. Тимчо Муцунски, во своето воведно обраќање испрати јасни пораки за она што треба идната влада да направи, со акцент на правосудството и корупцијата порача дека нула корупција ќе биде прифатена.
-Постоењето на правна држава е нешто коешто според мене е најважно во владеењето на правосудниот систем, предвидливост да знаете дека законите важат за сите и ќе бидат применувани од оние кои имаат обврска да ги спроведуваат, тука мислам на судиите и обвинителите, на управните постапки, сеуште имаме голем број на инспектори коишто вршат коруптивни потфати, вели Муцунски.
Муцунски посочи изрично дека ќе дојде крај на корупцијата, и во инспекциските служби, на вработените во царинската управа коишто ги злоупотребуваат најмалите и најранливите трговци.
-Нула корупција ќе буде прифатена, тоа значи намалување на бирократизацијата преку конкретни мерки кои што се предвидени во оваа програма, посочи Муцунски.
Тој рече дека поради фактот што заради коронакризата болниците се полни и имаме троцифрени бројки на новозаразени, здравствените работници се под голем притисок и има многу починати, првото нешто коешто треба да го направи новата влада е превземање на конкретна и реална здравствена политика којашто ќе го реши овој предизвик.
Муцунски посочи неколку останати предизвици, како што е создавањето на економска благостојба, што значи продуктивна економија, држава партнер со бизнис заедницата, која ќе ги намали даноците за трговските ентитети, посебно за младите, кои гледаме дека се повеќе се иселуваат, треба да се овозможат добри деловни услови за младите да сакаат да останат тука.
Тој исто истакна дека ВМРО-ДПМНЕ се обврзува и знае како да привлече директни странски инвестиции, за да ја вратиме Македонија во топ десет земји на ранг листата на „Дуинг бизнис“, кој што беше силен индикатор за тоа како се создава добра деловна клима.
Муцунски се согласи со Мила Царовска дека граѓаните заслужуваат здрава животна средина, но оваа влада имаше три години, можеше да направи многу повеќе, а во последната година од своето владеење тие дадоа само субвенции за клими инвертори.
-На Македонија и е потреба итна гасификација, инвестирање во шуми и зеленило и итна промена на начинот на којшто се води урбанистичкото планирање, тука би сакал да се извинам за сите оние грешки кои се направени од претходни градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, но би го очекувал истото и од СДСМ, заврши Муцунски.