Под истрага се над 100 колумбиски војници заради наводна сексуална злоупотреба на деца од 2016 година до сега, изјави вчера командантот на армијата, генерал Едуардо Запатеиро, откако две групи војници беа обвинети за злоупотреба на две домородни девојчиња, јави ДПА.
-Под истрага се вкупно 118 војници , изјави генералот Запатеиро во изјава за државната телевизија.
Четириесет и пет од осомничените војници веќе се отпуштени од армијата, додаде тој.
Војниците кои веќе биле испитани имале различен ранг во армијата.
Генералот излезе во јавноста откако седум војници минатата недела беа обвинети за силување на 14-годишно домородно девојче во западниот регион Рисаралда, настан што се случил пред околу 10 дена. Четворица нивни претпоставени веднаш беа отпуштени од работа.
Притоа се утврди дека и друга група војници е осомничена дека, во септември минатата година, со денови злоупотребала 15-годишно домородно девојче, во јужниот регион Гваварие.
Запатеиро вети дека ниту еден војник кој е виновен за ваквите дела нема да „остане неказнет”.
Отворените истраги придонесоа барем малку да се подобри угледот на армијата, која има долга историја за кршење на човековите права, вклучувајќи и убиства на илјадници цивили без пресуди за време на повеќегодишниот вооружен судир со герилските групи ФАРК и ЕЛН, пренесе ДПА.