Во Индија се уапсени пет полицајци поради смртта на татко и син во полициски притвор, изјави висок истражен службеник, откако јавноста изрази гнев поради случајот, споредувајќи го со смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд во САД.
Минатата недела Џ. Џајараџ (59) и Беникс Имануел (31) биле брутално претепани, што предизвикало ректално крвавење и на крајот смрт, се вели во писмото до владини службеници испратено од сопругата на Џајараџ, Џ. Селварани.
„Би-би-си“ наведува дека уапсените полицајци се обвинети за убиство поради смртта на татко и син во сојузната индиска држава Тамил Наду.
Двајцата починале два дена откако биле ослободени од полицискиот притвор.
Тие биле уапсени затоа што, наводно, не ја затвориле продавницата откако истекло времето кога било дозволено продавниците да бидат отворени за време на пандемијата на коронавирусот.
Инцидентот предизвика протести, поради што локалниот суд започна истрага.
Судот објави дека има основи за покренување обвинение за убиство против полицајците.