Генералниот секретар на СДСМ и носител во ИЕ 3 на Коалицијата „Можеме” вечерва, на трибина со граѓаните во Кочани, потенцираше дека петте клучни мерки кои во 2016 година во делот на земјоделството, денеска се целосно реализирани и унапредени во интерес на земјоделците и нивниот развој.
„Ветивме ревизија на земјоделското земјиште и начинот на кој се доделувало. За само две и пол години раскинавме договори за 24 илјади хектари површини и за истите сега склучуваме договори со вистинските земјоделци. Ветивме дека ќе воведеме нова мерка за зелена нафта, ја воведовме минатата година со поддршка од 30 проценти. Оваа година 55 илјади земјоделци ќе добијат зелена нафта со покриеност од 50 проценти, а до крајот на мандатот таа ќе биде покриена 100 проценти. Ветивме дека ќе имаме редовни, навремени и неселективни субвенции. Не е далеку периодот кога овде зборувавме за уценети земјоделци и за субвенции што се делеа по месни комитети на ВМРО-ДПМНЕ”, рече Николовски и нагласи дека веќе трета година по ред субвенциите се исплаќаат навремено, во ист ден и на производителите на ориз и на лозарите и на полјоделците.
Николовски нагласи дека се инвестира силно во нови системи за наводнување и низ Истокот и низ целата земја. Тој најави дека започнува изградбата на три модерни откупно дистрибутивни центри во Струмица, во Скопје и во Ресен.