Шеснаесетгодишната затворска казна за поранешниот американски маринец Пол Велан, кој во Русија е осуден за шпионажа, од денеска станува правосилна откако одбраната одлучи да не вложи жалба на пресудата.
Адвокатот на Велан, Владимир Жеребенков оцени дека во жалбената постапка би се изгубиле неколку месеци, кои би можеле да се искористат за разговори и договарање на размена на Велан за Руси осудени во САД.
.Но, пред околу две седмици, заменикот-министер за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков отфрли можност за размена на затвореници.
– Не се разговара за Велан во вакви шеми. Нема основи да се зборува за политизација на случајот на Велан и пресудата. Затворските казни се многу подолги за слични дела во други земји. Тој е виновен за сторено сериозно кривично дело и доби долга затворска казна, рече тогаш Рјабков.
Градскиот суд во Москва го осуди поранешниот американски маринец Пол Велан на 16 години во затворска колонија со максимална безбедност. Велан беше прогласен за виновен според член 276 од рускиот Кривичен законик (шпионажа). Американскиот државјанин Пол Велан, кој исто така има британско, канадско и ирско државјанство, е шеф за глобална безбедност во „Борг Ворнер”, компанија за автомобилски компоненти со седиште во Мичиген. Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) претходно соопшти дека Велан бил приведен на 28 декември 2018 година во Москва додека бил во наводна шпионска мисија. Руските власти тврдат дека кај него била пронајдена флеш меморија со чувствителни информации. Велан тврдеше дека е невин и оти целиот случај е наместен, а дека флеш меморијата за која мислел дека има фотографии од одмор, му ја дал познаник од Русија.