Себастијан Фетел, кој ќе ја започне својата последна сезона зад воланот на Ферари во Шпилберг, Австрија утре, изјави дека не му бил понуден нов договор, што фрла ново светло на разделбата на четирикратниот светски шампион со славниот италијански тим.
Имено, кога кон средината на мај двете страни објавија дека ова ќе биде последната сезона на Фетел во црвениот автомобил, во кој тој прв пат седна во 2015 година, тие изјавија дека станува збор за консензуална одлука. Но, од изјавите на Фетел пред почетокот на новата сезона, може да се заклучи дека Ферари сакал да се ослободи од него.
Германскиот возач, кој ќе го прослави својот 33 роденден утре, изјави дека бил изненаден од повикот на Матија Бинот во кој лидерот на тимот на Ферари му рекол дека немаат намера да продолжат да работат со него следната сезона.
– Никогаш не ни започнавме преговори затоа што понуда никогаш немаше на маса, па немавме за што да разговараме, рече Фетел, чие заминување од Ферари ги изненади сите во светот на Формула 1, а разни извори рекоа дека двете страни не би можеле да се договорат за висината на приходот на четирикратниот светски шампион и периодот за кој треба да потпише нов договор.
Фетел се уште нема објавено одлука дали ќе остане во Формула 1 по оваа сезона, чиј почеток доцни четири месеци поради пандемијата на коронавирус.