Шведскиот пограничен град Стромстад плаќа висока цена поради тоа што Шведска не ги затвори границите за да го спречи ширењето на коронавирусот.
Економската активност во овој град, во кој Норвежаните често доаѓаат по набавка на поевтини производи, целосно замре, откако Норвешка ја затвори границата со Шведска поради големиот број на заболени во оваа земја, а ситуацијата не се поправи ниту по ублажувањето на рестриктивните мерки за патување меѓу два соседи.
Стромстад се наоѓа на само два часа возење од Осло и претставува популарна дестинација за Норвежаните, кои доаѓаат во Шведска по набавка на производи кои во оваа земја се поевтини.
Но, со мерката за карантин која Норвешка ја воведе на средината на март, тоа заврши, па економската активност во овој град целосно замре.
По избивањето на пандемијата на коронавирус, Шведска не воведе рестриктивни мерки какви што воведоа поголем дел од земјите во светот, поради што во оваа држава со 10,2 милиони жители, од ковид-19 починаа 5.370 луѓе, што е за пет пати повеќе отколку во Норвешка, Данска и Финска заедно.
Граѓаните на нордиските земји патуваат по регионот без пасоши уште од педесетите години на минатиот век, поради што меѓу нив се воспоставени силни приватни, деловни, културолошки и други врски.