Кривична пријава против Александар Нацев за злоупотреба на 17.000 евра

Против поранешниот директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Александар Нацев, е поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал  го товари 35-годишниот Нацев за злоупотреби при јавните набавки.

„Пријавениот, како директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации на Република Македонија, во периодот од 20.01.2015 до 03.08.2017 година, за свои лични потреби, а на штета на Буџетот на РСМ, злоупотребил буџетски средства во вкупен износ од 1.040.616 денари, додека со непочитување на законските одредби од Законот за јавни набавки и без спроведување на постапки за јавна набавка, на штета на Буџетот на РСМ, за трети лица овозможил да се стекнат со имотна корист во вкупен износ од 660.594 денари.

Пријавениот, без да донесе соодветни одлуки, акти и правилници за условите за користење на средства за репрезентација, за патни и дневни расходи, извршил набавки на стоки и услуги кои што не биле поврзани со работењето на Дирекцијата, во вкупен износ од 1.040.616 денари и ги искористил за свои лични потреби.

Исто така, пријавениот, во наведениот период, без да спроведе постапка за јавна набавка, со свесно намалување на набавките на износи до 500 евра без ДДВ на месечно ниво, со средства од буџетот на Дирекцијата извршил набавки на стоки и услуги од пет правни лица и со тоа им овозможил да се стекнат за имотна корист во вкупен износ од 660.594 денари.

Со овие дејствија А.Н. нанел штета на Буџетот на РСМ во вкупен износ од 1.701.210  денари“, соопштија од МВР.

 

Треба да знаете
Последни објави