Денеска во Русија во сила стапија измените на Уставот што беа усвоени на референдумот, со што претседателот Владимир Путин има можност да се кандидира за уште два шестгодишни мандати и да остане на власт до 2036 година.
Путин вчера го потпиша извршниот налог за поставување на 4 јули како датум на влегување во сила на амандманите, за кои на референдумот гласаа речиси 78 проценти од гласачите, а исходот од гласањето Кремљ го оцени како „триумф”.
Освен што новиот Устав сега на Путин ќе му овозможи уште два мандата, до 2036 година, тој на сите поранешни руски претседатели им дава и имунитет од гонење.
Според новиот устав, исто така, бракот е дефиниран како заедница меѓу маж и жена, свое место во него доби и рускиот јазик, а се споменува и „вербата на Русите во Бога”, иако земјата останува секуларна држава.
Забрането е руска територија да и се даде на други земји, што аналитичарите ја поврзуваат со анексијата на Крим.
Промените го оневозможуваат најголемиот противник на рускиот претседател, опозиционерот Алексеј Навални, да се кандидира за највисока политичка функција во следните 15 години, забележува Хина, затоа што секој претседателски кандидат мора да живее во Русија најмалку 25 години.