Здравствениот дом во Битола е позитивен пример за успешно работење и во континуитет се реализират активности за зајакнување на кадарот. За три години се реализирани 54 нови вработувања, од кои 24 доктори и 17 медицински сестри. Исто така, одобрени се пет специјализации, две од областа на вонболничка педијатрија и по една од областа на детска превентивна стоматологија, спортска медицина и медицина на труд.
Паралелно со тоа се реализирани бројни реконструктивни зафати, во вредност од шест милиони денари. После 30 години комплетно е реновирана Службата за итна медицинска помош, домашно лекување и ургентна стоматологија, каде е отворена и амбуланта во рамки на дневната болница во која дежураат матични доктори, поставена е нова водоводна мрежа, нова електрична инсталација и поставен медицински под. Воедно, реновирани се и службите за детска превентивна стоматологија и за превентивни прегледи на деца од 6 до 18 години.
Во насока на унапредување на здравствените услуги за пациентите, набавена е нова медицинска опрема во вредност над шест милиони денари, како што се: четири апарати за ЕКГ, стрес-тест, подоскоп, повеќе хематолошки бројачи, две столици за транспорт на пациенти по скали, три хематолошки столици за земање крв на пациенти за испитување во лабораториите, ново санитетско возило, стоматолошки стол и по еден спирометар, аудиометар и реакциометар.
Вкупната сума за реализација на овие активности изнесува 12 милиони денари, со средства обезбедени од ЗД Битола.
Сето ова е значаен придонес за унапредување на условите за работа во оваа јавна здравствена установа и за поквалитетна здравствена заштита за пациентите од Битола и околните места.