Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва од Прилеп кажа дека граѓаните на 15 јули избираат помеѓу потрошени политичари и луѓе кои имаат план, визија, кои имаат мотив да се справат со предизвиците.
„Ние бираме помеѓу неправдата и правдата, меѓу криминалците и правната држава која мора да функционира, меѓу луѓето кои не обесчестија или бираме за достоинство, бираме меѓу политичар кој два пати е аболициран за криминал и млад човек кој нема ниту една црна дамка. Кај граѓаните чувствувам огромна енергија, одлучност, еден пиреј и желба да се порази епидемијата предизвикана од Зоран Заев. На 15 јули народот заедно со ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на овие избори. Јас не сакам да живеам во Македонија предводена од политички измамници и тргнав да се борам против нив, да го сменам ова политичко мочуриште. Ова го правам зошто имам идеја“, рече Мицкоски апелирајќи до сите „определените за ВМРО-ДПМНЕ, неопределените, дури и оние од СДСМ кои сум сигурен дека не се задоволни, затоа ги повикувам сите да ни се придружат, прво да ја ослободиме Македонија од Заев, а потоа да ги засукаме ракавите и да работиме за Македонија“.
Мицкоски соопшти дека буџетскиот дефицит е поголем од 26 милијарди денари и додаде „тоа се пари потрошени, а нема покритие за тие пари, тоа се пари потрошени во обид за поткуп на граѓаните, тоа се 420 милиони евра, го задолжија секое семејство за повеќе од 850 евра, секое семејство е задолжено во обид за поткуп и криминал и тоа само за првите шест месеци до годинава“.
Наместо, право и правда, власта предводена од Заев и СДСМ, кажа Мицкоски, направија Луј Вутон обвинителство и трас-трас судство, а ги боли сатирата.
Според него време е Македонија да ја водат европски политичари кои ќе работат заедно со народот.
„Токму затоа треба да се стартува со ветинг за политичарите, секој ќе мора да го покаже и докаже сопствениот имот и на сопственото семејство, мора да го докаже потеклото. Јас се пријавувам прв, ама тоа ќе мора да го сторат сите. И овој закон мора да се поддржи, ако некој не го поддржи ќе знаеме дека долго бил со рацете во медот. Ние ќе покажеме кој се богател на грбот на народот“, рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека за да се сменат работите партијата подготви програма Проект-Обнова, подготви читанка во која за секој има по нешто.
„За да ги смениме работите создадовме читанка Проект-Обнова ја пишувавме многу внимателно. Во неа стои дека мора да има функционално правосудство, почитување на законот, реформирано здравство кое се темели на превенција и ориентирано кон пациентот, четири милијарди инвестиции, таму ќе најдете буквално политики за сите, таму има илјада проекти и мерки“, рече Мицкоски.
Мицкоски на крајот ќе ги повика граѓаните да гласаат за број 14, да гласаат за Александар Николоски, човек кој секоја задача ја исполнува, човек кој мотивира со сопственото однесување, кој секојдневно дава повеќе работејќи за Македонија.