Пријатели сме со петте соседи, целиот демократски свет ни е пријател, половина од нив веќе ја посетија Република Северна Македонија во изминатите две и пол години, дојдоа сите лидери, дојде и папата. Сите дојдоа да го охрабрат овој мултиетнички народ дека е на вистинскиот пат и дека така треба да продолжи.
Ова во интервју за МИА го изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, одговарајќи на прашањето за односите на земјава со нејзините соседи и дали очекува од некои од нив нови блокади во претстојниот период.
-Нема веќе рампи. Договорите се постигнати, имплементацијата на договорите е во тек и се заглави на четвртото поглавје Гоце Делчев. Како што ги решивме претходните три историски поглавја со шест историски личности, верувам дека и понатаму ќе ги решаваме на добробит и среќа на двете страни. Имаме Договор за добрососедство и споделувањето на таа заедничка историја. Треба да градиме пријателство, да бидеме уште поблиски повеќе да соработуваме, тоа да донесе и економски и каков било бенефит и на Македонците и Бугарите, од двете страни заради тоа што тоа е духот на Договорот, вели тој.
Заев, чија партија на овие предвремени парламентарни избори ја предводи коалицијата „Можеме” вели дека во следниот мандат ќе бидат мошне растеретени, отворени се сите фрнтови и фокусот треба да биде на агендата дома на економија, подигнување на животниот стандард, реформи во правосудството, образованието, здравството, социјалната политика, културата, земјоделството.
Во однос на евроинтегрирањето на земјава нагласува дека со утврдувањето и прифаќањето на преговарачката рамка од страна на ЕК е јасно дека преводот на сите поглавја и на европското законодавство ќе биде на македонски јазик. Тоа е, додава тој уште една потврда од ЕК и од сите земји членки на ЕУ за македонскиот јазик, но и почеток на официјализирање на македонскиот јазик, како еден од службените јазици на ЕУ со нашето полноправно членство.
-Ова е за мене историја заради тоа што нашиот јазик ќе го имате во библиотеките во Варшава, Виена, Берлин, Париз, Рим, насекаде ќе се изучува, унапредува и афирмира и тоа е една голема вредност, истакнува Заев.
Изборната парола на ДУИ за прв премиер Алабанец ја оценува како комплетно популистичка политичка стратегија и националистичка порака, која била присутна во времето на Груевски и Ахмети, но сепак не исклучува можност за постизборна коалиција со ДУИ, доколку партијата се откаже од ова условување.
Очекува победа на изборите, па дури и поддршка за формирање на една стабилна коалиција, но не исклучува можност и за коалицирање со други партии, а во постојана комуникација за можна постизборна коалиција се со Алијанса на Албанците и Алтернатива.
За клучните програми со кои коалицијата се обидува да ги привлече гласовите на граѓаните, за недовршените реформи во јавната администрација, за правосудството, но и случајот Рекет, разговаравме со Заев во интерјуто за МИА.
Лидерот на СДСМ, говори и за „бомбите” кои се карактеристични за оваа кампања, а за кои вели дека веќе поднеле кривични пријави, а на забелешката дека има бомби и за опозицијата истакнува дека пријавени се сите досега.
Во продолжение е целото интервју за Зоран Заев, претседател на СДСМ.
Изборната кампања е во полн ек, ќе може ли накусо да ги наброите петте клучни работи со кои што ќе ги привлечете граѓаните на овие избори да гласаат за вас и за коалицијата „Можеме”?
-Доминантен дел од нашата изборна кампања е новата македонска развојна економија и оттука кога би извлекол од целата таа понуда која што постои би извлекол 20.000 минимална плата до крајот на мандатот, 34.000 просечна плата до крајот на мандатот, покачување на пензиите рамноправно заедно со растот на платите, со гаранција дека минималните плати ќе се зголемат најмалку 21 отсто, капиталната инфраструктура, патишта, водоводи и канализација, детски градинки, училишта и болници, рамноправно насекаде низ целата земја и она кое што значи исто така отворањето на поглавјата со 80 проценти од замисленото во овие четири години, а за шест години и членство во ЕУ.
Тоа се ударните работи, меѓутоа економијата како да преовладува во вашите програми иако има и други клучни столбови. Велите нова македонска економија, можете ли да ни го кажете првиот проект којшто би го спровеле до колку имате можност, односно ја освоите власта на 15 јули?
-Добро, најголемиот дел на политиките коишто досега ги водевме така ќе биде и во иднина се инвестициите во човечките ресурси. Ние веруваме дека народот ако има повеќе пари по сите аспекти на враќање на парите назад кон граѓаните, не само преку повисоки плати и пензии, не само преку сите тие приходи коишто ги имаат секојдневно или отргнување на парафискални давачки, туку главниот дел е да продолжиме да го јакнеме семејниот буџет на граѓаните верувајќи дека луѓето ги трошат парите. Повторно се враќаат тие пари некако во буџетот за да можеме јакнејќи го економскиот стандард на нашиот народ да ја јакнеме и капацитетно државата.
Реформите на администрацијата и професионализацијата на раководните позиции беше честа тема изминативие три години, меѓутоа како целосно да не се спроведе таа реформа. Значи се уште се чекаат резултати за систематизација на институциите, работните места, префрлање од јавен во приватен сектор, назначување на непартиски директори. Што ги кочи ваквите најави. Доколку имате можност што ќе направите во следниот мандат, доколку го добиете, во оваа насока дали има политички капацитет земјата да го спроведе ова или имаме состојба кога се се дефинира како политички реваншизам во јавната администрација?
До сега ја донесовме легислативата односно законодавството и бевме оценети како успешно спроведени реформи во делот на законодавството за реформите во јавната администрација, ги направивме практичните состаноци со бизнис коморите заради преземањето и пакетите на самото преземање и останува стартот на практичната реализација на реформата на јавната администрација. Веројатно сме единствена коалиција со веќе 20 отсто намалување на администрацијата секако без некој да го изгуби парчето леб, без некој да остане без работа, верувајќи дека со пакетите коишто ќе ги дадеме за оние што ќе одлучат да поминат во приватниот сектор ќе бидат доволно мотивирачки за секој да си ја види иднината своја, пред се стабилна во приватниот сектор. Верувам дека ќе успееме за тоа, заради тоа што недостигот на квалификувана работна сила постои во државата. Ќе го решиме и проблемот на побарувачката на луѓе, работници секако ангажирани во приватните компании, а секако и пакетот на отпремнина од 6 до 12 плати за сите оние што ќе одлучат. Верувам дека ќе направи едно олабавување, така да кажам на тие непродуктивни расходи коишто се вишок во делот на јавната администрација. Ова е нешто на коешто ќе работиме сигурно во периодот, можеби не најдоминантно, но затоа што доминантна ќе биде економијата и дигајќи го стандардот на нашиот народ да ги направиме реформите пред се во правната држава, во образованието и да го унапредиме здравството, но секако јавната администрација ги постигнува исто така сите тие аспекти ако успееме да ја имплементираме целосно успешно.
Господине Заев неспецифична кампања во специфични услови, епидемија на Ковид 19, почитување на протоколи, поголема употреба на социјалните медиуми за промоција, значи се води една кампања која што до сега нашата земја нема видено. Како се грижите на средбите со граѓаните, нема големи митинзи има ограничување во присуството на граѓаните на вашите средби и на останатите партии. Како се грижите се да е согласно протоколите, што доколку работите излезат од контрола?
Мислам дека се научивме веќе и се навикнавме, а пред се политичарите треба да бидеме одговорни. Јас и коалицијата „Можеме” комплетно водиме грижа приоритетна за здравјето наше и на граѓаните, кои ни се гости на сите настани. Прво носењето на маска е задолжително за сите, држењето дистанца, поздравувањето со лактови или тупаница, корона поздравување како што го кажуваме сите, сите седат на дистанца, се ограничени мали собири, гледате ги нема големите митинзи. Држењето дистанца покрај носењето маска е дупла превентива, која што верувам дека успеавме да ја одржиме, секако пред настан, после настан дезинфекцијата на рацете и комплетно одбегнување на секаков вид на гушкање или сето тоа што е традиционално заради топлината на нашиот народ. Верувам дека правиме помалку потези од тоа што граѓаните вообичаено прават со своите блиски, со своите пријатели во секојдневието и верувам дека ќе успееме. Жалам што нашите опоненти тоа не го прават. Се доведовме да тие и господинот Мицкоски и нивните носители, нивните кандидати за пратеници бидат еден лош пример, па гледаме слики на кои сите се прегрнати, кој со маска, кој без маска. На собирите апсолутно не ја почитуваат дистанцата, што е лош пример за сите. На крајот ако здравјето е пред се и над се за сите после се друго е помалку важно, тогаш тоа треба да го покажеме на дело. Се доведовме да еден од првите експоненети на нашите опоненти министерот Чулев на пример, седејќи во кафуле без маска да му донесат нашите активисти, да му дадат маска да ја стави на лицето за да ја извлечеме на површина катарзата или она кое што е важно дека не треба да се прекршуваат мерките од никој во државата, а сепак носителите на јавните функции треба да бидат пример за тоа, заради тоа што и на тој начин сме еден добар лош пример за сите граѓани.
Господине Заев, во политичкиот изборен амбиент некако како да не успеавме да изградиме капацитет на партиски ПР за кампањи без лажни вести и црна пропаганда. Какво е вашето мислење за досегашниот тек на кампањата која што многумина ја нарекуваат бомбашка кампања. Ќе пукаат ли уште бомби?
Комплетно одиме со позитивна кампања. Мислиме дека со мерките од платите до пензиите до комуналната инфраструктура каде што ветуваме, зборувајќи за редот, дисциплината и правната држава, реформите во образованието и севкупната администрација који што следуваат, еко држава, сите оние столбови на нашата програма се толку многу важни да допрат до луѓето да знаат која е иднината, така што воопшто немаме време, ниту можност во нашите настапи да зборуваме негативно, освен правејќи паралела што е различно помеѓу нас и нашите опоненти. За разлика од нас, нашите опоненти комплетно од спотови до наративи и верувам дека господинот Мицкоски и на сонот со Заев збори или се штрека од Заев заради тоа што ме има во сите спотови. Ова е една грозотија, кој и да е, јас сум еден обичен човек, не може да се изначудите кој е тоа психолошки стадиум на мозокот на еден човек за да може да има една толкава преокупација за да води таков вид на кампања, а знам дека тоа ќе им се врати негативно. Ние веќе поднесовме кривични пријави за бомбите заради тоа што е тоа казниво по закон.
Тоа е кривично дело, меѓутоа продолжуваат да се пукаат бомби. Како ќе го спречиме тоа во иднина, некои од бомбите се снимени од соговорници на средбите, меѓутоа постојат тврдења дека некои се плод на прислушување?
Од 1 јуни 2017 наваму нема никакво прислушување. Апсолутно никој од јавните институции немаат допир до тоа, дури ОТА како агенција која што ги прави конекциите нема право на увид на материјал или што било. Толку е разграничено со европските директиви, тоа го работевме во реформите на безбедноста заедно со европската делегација, ЕК, со многу експерти дојдени, плус од НАТО и јасно е разграничено, не постои никакво прислушување во државата, освен со судска пресуда за истрагите против кршењето на законите во Македонија.
Дали поднесовте кривични пријави?
Поднесовме веќе кривични пријави за незаконско прислушување, за незаконско снимање кое што се случува и бараме тоа да се истера на крај. Точно, не заради тоа што се плашиме од тие разговори, а тоа е пример како треба да се однесуваат и сите други коишто се цел на вакво незаконско прислушување. Законот вели дека е кривично дело незаконското прислушување дури и кога седиме на состанок и некој снима не мора телефонски да разговараме, снимањето е недозволиво, секако освен ако е објавено јавно за потребите на стенограми или било што од одредени состаноци.За тоа треба да постои одговорност. Но нека им е на чест на нашите опоненти тоа што го прават со цел. СДСМ кога објавуваше прислушувани разговори тоа го направи транспарентно. Излеговме на говорница, штитејќи ја комплетно приватноста на луѓето, секаде каде што постоеја индиции за криминал или неетичко однесување со тенденција за криминал, тоа јавно го објавивме, го составивме и срочивме во кривични пријави и го доставивме до тогашното ЈО коешто помина понатаму во СЈО. Така да, кукавички е да се пуштаат разговори на начин на којшто се крши законот денеска тоа е типично само за опозицијата. СДСМ секојпат тоа го правел согласно закон како што е дозволено, објавувајќи со кривични пријави во времето кога дури и кога не беа забранети јавните објавувања на разговорите.
Но се пуштаат и разговори за опозицијата, не сте само вие цел на овие да ги наречам „бомби”?
Пријавите ги поднесовме за сите што објавуваат без разлика дали таргет е опозицијата, дали таргет е Заев, владејчката партија или опозиционата партија или кој било граѓанин. Прво сакаме да престане ова заради тоа што еден дел од раѓаните стрепат за приватноста и треба да знаат дека секој има право да тужи макар другар со другар да се снимаат па да објави. Тоа е незаконски, недозволиво и треба да го знаат. Втората работа политиката нели рековме да биде пример за сите и тоа е недозволиво, затоа тоа јавно го направивме односно транспарентно да знаат сите дека има работи во државата коишто се забранети и затоа процесуиравме пријави. Но секако само да дополнам овде, грозотијата која што ја слушаме во целото тоа, насилството на луѓе кои тоа што го правеле зборувајќи директно со своите гласови, носители на листи навистина е за голема казна од страна на граѓаните.
Велите правна и праведна држава во вашата програма, велите целосно расчистуваме со груевизмот и неговите остатоци во судството. Законот за ЈО стапи на сила дали, само груевизмот е проблем во првосудниот систем или можноста за каков било „изам” или персонификација на судскиот систем. Можеби не е само груевизмот проблем. Како тоа ќе го спречите во иднина?
Груевизмот е сигурно еден проблемите заради тоа што партизацијата на правосудството ја видовме од тефтерчето на Гордана Јанкуловска и таа има свои рефлексии. Дали сите овие 11 години со примањата на луѓето од тефтерчето на Гордана Јанкуловска, тоа значи по партиски комплетни одлуки и во судството и во обвинителството ги има најголемите причини, но секако и поединечниот печат на секој од судиите и обвинителите. Затоа велиме на веќе направени закони од страна на Владата, целосно усогласени со ЕК и Венецијанската комисија од Парламентот донесени. Еве на 30 јуни стапи еден од столбовите на правосудството, Законот за ЈО, во практичната примена нема да бидат простени грешките на судиите и на обвинителите во идниот период, не од Заев, од граѓаните, тие се различни власти, но она што е најважно овде треба да знаат сите дека ако се случи застарување на предмет, судијата ќе биде разрешен согласно законот. Истовремено денес имаме првпат одговорност и кривична и на судии и на обвинители заради тоа што нанесуваат непоправливи штети врз државата, врз буџетот, врз луѓето во своето одлучување. Предметите ќе бидат до пет проценти во следните пет години комплетно подложни на ревизија, во делот на нивното одлучување и ќе следува комплетна проверка на имотот и финансиската состојба на судиите, обвинителите и членовите на нивните семејства или поврзаните во мрежи. Она што многу често луѓето и транспарентно го зборуваат судија обвинител адвокати и на тој начин се нанесува комплетно уништување на владеењето на законот и правото.
Кога сме кај правосудството, СЈО го закопавме и наместо надеж за правда се изгради Рекет. Дали сте задоволни од пресудите за Рекет, дали сметате дека правдата е задоволена?
Јас сум среќен заради тоа што паднаа пресуди. Не ги коментирам висините толку биле високи, толку биле ниски или слично. Не ги знам, не сум правник да ги одмерам, не знам како е во законот, но драго ми е што има казна без разлика за кој. Првпат е осуден јавен обвинител, шеф на ЈО во државата, секако газда на медиум којшто важеше за доминантно провладејачки медиум, и секако бизнисмени коишто биле инволвирани во самиот случај. Според мене овде има сериозни индиции на поткуп. Тоа го видовме посебно од поново време, не е само Рекет, овде има смислено поддржано, организирано дејствие поткуп, но дефинитивно важна е пораката дека законот важи еднакво за сите. Голем дел од предметите од СЈО и завршија со правосилни пресуди, дел се завршени со пресуди на основниот суд, дел се надевам се при крај од нивното завршување, тоа е многу важно сите предмети бидат со завршница заради тоа што тоа и беше намерата на формирањето на СЈО. Но она коешто дефинитивно е едно разочарување и кај граѓаните, а присутно и кај мене, дел од тие предмети се повторени како постапки, заради тоа што поротник морал да замине во пензија, бил болен или не знам толку и толку се доцнело, па ајде одново, па повторно тргнуваат постапките или како што беше застарувањето за Груевски за едно од делата јас не ги знам ни кои, но видов дека е застарено. Таквите работи не се дозволиви. Тоа предизвикува горчина кај луѓето дека секој може да ја избегне правдата по било кој начин и тоа е недозволиво во европска земја која што тежнее навистина да биде и членка на ЕУ.
Како ќе го коментирате однесувањето на Бојан Јовановски кој сега поднесува кривични пријави против јавни личности и функционери, лекари, меѓутоа и барањата на Фросина Ременски да се изземе Вилма Русковска од случајот Меѓународен сојуз?
Прво транспарентно се водеше целиот процес. Бојан Јовановски и неговиот адвокат ако имале каков било доказ ќе го приложеа на самото судење, ќе укажеа во ЈО, стопати беа во разговори, процеси или слично. На крајот кога паднаа пресудите се испрати пораката во договор со опозицијата да се наштети. Зошто, заради тоа што испраќаа пораки по сите можни канали да се помогне. Ако тоа го направевме, тоа е Груевски, ние се боревме против тоа. Со мешањето во судството или слично, секој ќе си одговара. Јас не ја полнам мојата душа или желба со тоа што некој ќе биде во затвор. Но ако нема делење на правдата и секој не одговара за своите постапки, тогаш ја испраќаме пораката дека секој може да прави што сака, да крши закон и да не одговара. Не, секој треба да одговара, почнувајќи од мене до секој во државата доколку се огреши пред законот. Јас апсолутно мислам дека тоа ниво на правна држава е веќе апсолутно апсорбирано, апсолвирано во нашето општество. Секако треба да продолжиме со унапредувањето на правната држава.
Малку за регионални прашања. Владата на која бевте премиер водеше политика на добрососедство, се постигна Договорот со Грција, со Бугарија, се реши еден билатерален спор. Вториот сме во фаза на решавање. Значи Грција, Албанија, Србија, Бугарија, Косово. Каде очекувате следна рампа или кочење на процесот на добрососедство?
Нема веќе рампи. Договорите се постигнати, имплементацијата на договорите е во тек и се заглави на четвртото поглавје Гоце Делчев. Како што ги решивме претходните три историски поглавја со шест историски личности, верувам дека и понатаму ќе ги решаваме на добробит и среќа на двете страни. Имаме Договор за добрососедство и споделување на таа заедничка историја. Треба да градиме пријателство, да бидеме уште поблиски повеќе да соработуваме, тоа да донесе и економски и каков било бенефит и на Македонците и Бугарите од двете страни, заради тоа што тоа е духот на Договорот. Кога разговараме ние политичарите, јас и премиерот Борисов сме апсолутно јасни за оваа работа. Секој договор мора да има две страни победници, ако не не е договор, ќе биде миниран од едната или од другата страна. Така да покажавме кој тоа решава спорови и кој постигнува договори во нашата земја, тоа сме ние. Другите се кавгаџии коишто ја држат земјата во кавга со сите соседи, со целиот свет изолирана и тоа не ни треба повеќе и Договорот од Преспа има своја реализација, која што продолжува и понатаму и таа е очекувана да се реализира низ децении, градејќи го пријателството, па дури и стратешкото партнерство со самите земји. Сега сме пријатели со петте соседи, целиот демократски свет ни е пријател. Пола од нив ја посетија Република Северна Македонија во овие две и пол години, дојдоа сите лидери, дојде и папата, дојдоа сите да го охрабрат овој мултиетнички народ дека и е на вистинскиот пат и треба така да продолжи. Во следниот мандат сега веќе сме растеретени, отворени се сите фронотви пред нас, треба да ги засукаме ракавите сите, најмногу ние политичарите коишто бараме доверба нормално и штом ќе ја добиеме да бидеме пример за сите. Да се фокусираме на агендата дома, економија, дигање на стандардот, правосудство, кое што пак значи економија, реформи во образованието, кое што пак значи економија, па дури и унапредување на здравството кое што пак значи економија, но и сите други аспекти, социјалната политика, културата, земјоделието, сето она што е важно за секојдневието на луѓето, но успеавме да ги вратиме слободите. Денеска се зборува слободно, слободна мисла, слободен говор, никој ништо не му фали во државата, тоа е голема вредност, демократијата буквално е присутна на сите страни. Владеењето на демократските вредности во една парламентарна демократија е императивот на којшто треба да се навикнеме сите заради тоа што тоа е наша опција, избор, наспроти единаестте години, во кои беше комплетно угнетена. Така да, после еден убав мегдан пред нас е да го покажеме капацитетот дома. Пријателите се тука, ќе ни помогнат сите, фондови ќе се отворат, поглавја ќе се отворат, стручни луѓе ќе дојдат да го дигаме капацитетот на институциите, но најмногу ќе зависи од нас дома.
Членството во НАТО е реалност, уште еден чекор кон ЕУ е направен во однос на преговарачката рамка која што сега треба да биде разгледана на ниво на земји-членки. Дали сме подготвени за целиот пат кон ЕУ. Вие во вашата програма велите 80 посто од поглавјата ќе отворите доколку ја добиете власта?
Мислам дека сме подготвени. Двете стратешки цели коишто беа исправени пред нас толку долго очекувани се исполнија, членка сме на НАТО, 15 години чекаме да добиеме одлука за почеток на преговорите. На 24 март ја добивме одлуката, сега јасно со утврдувањето и прифаќањето на преговарачката рамка од страна на ЕК, дека преводот на сите поглавја и на европското законодавство ќе биде на македонски јазик. Тоа е уште еднаш потврда од ЕК и од сите земји членки на ЕУ за македонскиот јазик, но тоа е и првиот почеток на официјализирање на македонскиот јазик како еден од службените јазици на ЕУ со нашето полноправно членство. Ова е за мене историја, заради тоа што нашиот јазик ќе го имате во библиотеките во Варшава, Виена, Берлин, Париз, Рим, насекаде ќе се изучува, унапредува и афирмира и тоа е една голема вредност. Дека сме капацитетно подготвени покажавме и досега, успеавме во се она што беше неопходно и за храброст, одлучност, професионалност, посветеност и тоа е нашата гаранција за во иднина и затоа велиме дека 80 посто од поглавјата ќе ги отвориме до крајот на следниот мандат, за шест години ќе ги затвориме 100 посто сите поглавја и ќе станеме полноправна членка на Унијата. Ако биде нашиот опонент на власта ќе им требаат 60 години, затоа што прво ќе има клинч и кавги и со соседите и веројатно и дома и ќе чекаме нови десетици години и ќе дојдеме на некое ниво како што тоа впрочем се случи. Во 2005 добивме кандидатски статус, требаа 15 години да поминат, да дојде СДСМ на власт и да се вратиме на брзата лента или на шините повторно на нашиот европски пат. Верувам дека голем дел од нашето законодавство е веќе усогласено овие 15 години. Тоа што го гледаме, што го слушаме сите верувам дека стручните луѓе пред се од невладините организации, експертите ќе помогнат многу во совладувањето на поглавјата. Јас сум оптимист од севкупното раководство на владејачката СДСМ. Тоа е став, 80 отсто и јас мислам дека и порано можеме да завршиме со овие процеси.
Господине Заев ДУИ излезе со мотото прв премиер Албанец. Насер Зибери е нивен кандидат за премиер, иако не е ДУИ. Има ли тука некаков влог за постизборна коалиција или станува збор за популизам, колку за потрошеноста на старите кадри на ДУИ?
Би ја нарекол комплетно популистичка политичка стратегија, нацоналпопулистичка заради тоа што пораката е националистичка, нешто што беше присутно во времето на Груевски и Али Ахмети. Тоа време е минато. Јас сум Зоран Заев и мојот СДСМ е основач на концептот едно општество за сите. Ние сме покажале дека немаме никаква предрасуда за етничката припадност на кој било човек, за која било функција во државата и окото не ми трепнува само да е само да е добар, квалитетен, експерт, професионален, да може да ја завршува работата и тоа важи и за премиер, претседател на државата, претседател на парламентот, министер, градоначалник или кој било. Впрочем многу од тие функции ги имаме и сега Албанци од СДСМ и тоа се поприлично добри кадри. Во едни такви околности уцената не смееме да ја пуштиме да живее заради тоа што народот мисли како и да гласаме еве на крајот едни со други ќе се уценат и тоа така ќе биде. Не е така. Граѓаните се тие коишто одлучуваат кој ќе биде пратеник во Парламентот, кој ќе биде министер, кој ќе биде премиер, кој ќе биде претседател на државата итн. И тоа не смееме повеќе да го дозволиме, значи да имаме националистички поделби во нашата земја. Затоа рековме здраво е ДУИ после 17 години, навистина тоа е долг период да се биде власт да премине во опозиција, здраво е за нив за да може да дојдат едни нови сили коишто со забрзано темпо ќе ги направат до крајот реформите во државата.
Коалициравте со БЕСА, прв пат во македонската политичка историја македонска и албанска партија прават предизборна коалиција. Што е тоа што ве спојува со БЕСА. Како со БЕСА го менаџирате национализамот?
Со БЕСА имавме три недели речиси секој ден по неколку часа разговори додека ги усогласиме сите ставови, политички и програмски определби. Денеска имаме заедничка програма, која што се вика „Можеме” и таму зборуваме за сите вредности. Прв услов беше да го заборавиме национализмот, да ја промовираме еднаквоста во општеството, борбата за секој и неговите права, комплетно се работи за млади луѓе, кои се комплетно растеретени, нормално најголем дел се од албанската етничка заедница или речиси се целосно од албанската етничка заедница и сакаат за својата заедница еднаквост и рамноправност и во правата и во обврските. Секако тие се среќни, заради тоа што Зоран Заев и СДСМ имаат сериозен успех на тој план, но секако треба да го надградуваме во периодот кој што претстои. Но се усогласивме за тоа што е важно, за животот на сите граѓани, квалитетот на животот, стандардот на граѓаните, рамноправниот економски развој на цела Македонија, сето она што е вредност, правната држава, поквалитетно образование. Сето тоа е насекаде присутно во програмата и апсолутно сите национализми се тргнати на страна. И верувам дека ќе успееме да бидеме одличен пример, како што сме пример сега дека е можно да се направи комплетно мултиетничка коалиција првпат и со албанската заедница, претставена преку партии, досега беше само преку СДСМ претставена албанската заедница, што е едно ниво повеќе во унапредувањето на едно општество за сите.
Што очекувате од претстојните избори?
Очекуваме победа. Не сакаме да се опуштиме, сакаме да го помолиме секој граѓанин првин да излезе, многу е важен легимитетот на институциите, но и да ја прочита нашата програма и да си донесе одлука. Затоа многу често кампањата се сведува на јавување, на пораки на мејл до луѓето. Одиме некаде од врата до врата, каде што граѓаните не повикуваат, секако никако кај оние ризични категории на болни луѓе или оние со хронични болесто. Тоа го правиме на начин на којшто го ставаме изборниот материјал во кесенце, како што треба за да може да си прочитаат граѓаните. Се обидуваме да им создадеме атмосфера дека е безбедно три до пет минути да се гласа. Верувам дека успеавме во тоа. Нашите анализи покажуваат дека 48, 55 е нешто што е поросечно. Како што напредува кампањата јас дури се повеќе и повеќе очекувам таа поддршка да расте, поддршка, која ќе донесе една стабилна коалиција. Не е невозможно да имаме и самите мнозинство коешто истовремено не значи дека не треба да правиме и коалиција.
Кои се вашите опции за постизборно коалицирање?
Секако ќе правиме коалиција прво за да бидат соодветно застапени етничките заедници. Тоа треба да го правиме во периодот којшто претстои дури и со 61 пратеник. Еве теоретски, ако народот одлучи да ни даде таква одговорност ние ќе влеземе во коалиција, во разговори, сите опции се отворени, дури и ДУИ ако го тргне ваквиот услов, ние немаме проблем да разговараме. Алијанса и Алтернатива и тоа како се дел од нашата комуникација. Заедно ги гласавме дел од реформите,уставните промени, Законот за ЈО и верувам дека имаме најмалку минимум соработка за да може да градиме заедничка платформа, владина програма за во иднина за да успееме како коалиција, а секако и постојат и опции помеѓу другите пратеници коишто ќе бидат избрани во Собранието. Не се грижам, немам некоја мачнина, како тоа ќе се направи влада и парламентарно мнозинство. Тоа ќе го направиме. Сигурно важно е владината програма да биде комплетно идентична со нашата програма, секако и од партнерите да прифатиме тоа што е прифатливо и тие нашето за да можеме да ја изградиме владината коалиција дури и во услови ако имаме сами како коалиција сегашна можеме парламентарно мнозинство од 61.
Господине Заев за крај ваша порака до читателите и гледачите на МИА?
Пораката е онаа што ја испраќаме секој ден до граѓаните. Почитувани граѓаните знаете кои сме, имаме огромни успеси позади нас, покажавме храброст, одлучност, памет, пријателства, авандардност, ги исполнивме стратешките цели на државата и во период на носењето на најкрупните одлуки ја кренавме економијата, ги подигнавме платите, ги подигнавме пензиите, ги подигнавме вредностите во нашето општество. Не успеавме во сите наши замисли, свесни сме за тоа, но сепак гаранција е дека сме најдобри и заслужуваме ваша поддршка за тоа што досега го сработивме. Јас верувам дека премиерот не треба да биде повеќе од два мандати како што не треба и претседателот. Барам чист втор мандат за да можеме да покажеме вака огромни успеси и дома на економски план во однос на правната држава, во образованието, како што покажавме успеси на меѓународен план. Одлучни сме, паметни сме, информирани сме. Сега сме поучени во изминатите две и пол години и од нашите слабости и верувам дека ќе делигирате доверба, чест и одговорност за следните четири години да се гордееме сите со нашата земја, споредувајќи се со сите во регионот да бидеме пример, да бидеме први, да бидеме најдобри, да бидеме шампиони и секако да си останеме дома и да бидеме доволно привлечни да ги вратиме дури оние млади коишто заминаа надвор од државата. Гласајте за бројот три. Верувајте дека можеме повеќе, можеме подобро и нема друга алтернатива освен овој пат по којшто заедно тргнавме јас и сите вие, целиот наш народ.