Горд е целиот наш народ. Горди се Македонците заради сочувување, гарантирање и потврда на македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Горди се Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците, сите заедно успеавме да ја внесеме Република Северна Македонија во НАТО, порача претседателот на СДСМ Зоран Заев во обраќањето до граѓаните на крајот од вечерашниот ТВ дуел со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Тој нагласи дека следен заеднички предизвик е да се подигне економијата, да продолжат реформите, да се европеизира земјата, да се донесат европските фондови, да останат младите тука, а да се вратат тие што заминаа.
– После 15 години добивме одлука за почеток на преговорите со ЕУ. Ја имаме веќе и преговарачката рамка. Имаме пријатели околу нас, сите наши соседи ни се пријатели. Целиот демократски свет зборува со полна уста убави зборови за нашиот народ, за нашата земја, спремни да ја помогнат, да пуштаат европски пари. Докажавме дека можеме заедно, можеме уште повеќе, можеме уште подобро, нагласи Заев.
Лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, порача дека ова се избори кога одлуката е тешка, а не едноставна.
.- Но, убеден сум дека со заокружување на реден број 14 сите вие ќе поддржите една поинаква Македонија од ова што денеска ни се случува. Ќе излеземе сите заедно од ова политичко мочуриште кое е обременето со „Луј Витон” чанти, со трас-трас судски одлуки, политичари кои го навредуваат сопствениот народ, едно политичко мочуриште полно со срам, понижувања, омаловажувања и криминал, рече Мицкоски.
Тој вели дека е сигурен оти граѓаните ќе одберат иднина, многу работа, силна економија, реформи во здравството, земјоделието, образованието.
– Јас сум сигурен во силата на народот и заедно со народот нема да владееме, туку ќе работиме и ќе ја обновуваме нашата Македонија, дополни Мицкоски.
На крајот од ТВ дуелот Заев му подари македонско и знамиња на НАТО и ЕУ, а тој вети дека ќе ги постави во неговиот кабинет на факултетот.
– Господиме Мицкоски ви подарувам три знамиња, како потврда дека сме членка на НАТО, дека полека одиме кон Европската Унија со тоа што ќе ги започнеме преговорите, и секако нашето знаме кое сега се вее пред седиштето на НАТО, а наскоро ќе се вее и пред ЕУ, рече Заев.
На тоа Мицкоски одговори дека трите знамиња ги има во кабинетот во партиското седиште, но дека овие ќе ги постави во кабинетот на факултет.