Основното јавно обвинителство Охрид поведе постапка против две лица, на возраст од 19 и 20 години, за кои постои основано сомнение дека го сториле кривичното дело – Противправно лишување од слобода од член 140 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Двајцата соизвршители, кривичното дело го сториле на 3 јули 2020 година, кога противправно ја лишиле од слобода и го ограничиле движењето на оштетената, државјанка на Република Италија. Првоосомничениот, кој имал привремен престој во Италија, во државава пристигнал заедно со оштетената, со намера да ја убеди таа да склучи брак со второосомничениот, негов роднина од Скопје, за да може и тој да замине во Италија. Откако пристигнале, осомничените ја заклучиле оштетената во стан во Охрид и се одалечиле во непознат правец. Настанот бил пријавен од Амбасадата на Република Италија, по што осомничените биле пронајдени и лишени од слобода.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Охрид до Основниот суд Охрид достави Предлог за определување на мерката притвор за двајцата осомничени, поради постоење опасност од бегство и можност осомничените да го повторат кривичното дело. Судот го прифати предлогот и со Решение на двајцата осомничени им е определен притвор во траење од по 8 дена.