Претседателот на германскиот Бундестаг, Волфганг Шојбле апелираше до ЕУ да извлече поуки од пандемијата на коронавирусот и да ја намали зависноста од глобалниот синџир на снабдување.
Шојбле за „Франкфуртер алгемајне цајтунг” изјави дека пандемијата покажа колку Европа е ранлива со својата зависност.
Во авторски текст за весникот, тој посочи на привремениот недостиг на дури и наједноставната медицинска опрема, како што се заштитни маски.
Според него, сега е можност критички да се анализира целосниот економски модел и „да се надминат екцесите на глобализацијата” секаде каде што доведоа до драматични последици за време на пандемијата.
Тој смета дека веќе сега е можно да се извлечат поуки дека ЕУ мора подобро да биде снабдена за да биде поотпорна на кризи и да биде понезависна.
За тоа, вели Шојбле, на ЕУ и е потребно да биде „опремена со поголема стратешка автономија”, како на пример со изградба на алтернативни синџири на снабдувачи со поповолни производни места со цел да се диверзификација и намалување на географските ризици.
Тој потенцира и дека е неопходно да се зајакне суверенитетот на Европа, особено во здравствениот сектор.