На денешната средба со младите, покрај носителот на листата, Никола Димитров беа и Дарко Каевски, Моника Зајкова, Ацева Бојана и Спировска Наталија – млади кандидати за пратеници од листата за изборна единица 1 на коалицијата „Можеме” предводена од СДСМ.
Во продолжени ви ги испраќаме нивните интегрални изјави:
Никола Димитров изјави: „Тукушто заврши средбата со една група млади луѓе. Јас бев тука заедно со младите кандидати за пратеници од нашата листа, за изборна единица 1 од Коалицијата „Можеме”. Со Моника, со Дарко, со Наталија, со Бојана. Јас не сум од најмладите лично, ама тука бев. Разговаравме за можностите на нашата понуда, за сите, меѓутоа посебно за младите. Ние многу зборуваме за иднината. Иднината се младите. Ако тие решат и по еден глас, преку гласање, преку своето ливче одлучат да нè биде, тогаш ќе нè биде како држава. И сакам да ги повикам сите, овие неколку години да докажеме дека можеме сите како држава да влеземе во Европа, а не еден по еден преку иселување. Да работиме заедно, да имаме верба во себеси. Во 2024 прашањето „дали можам да успеам дома” да не биде веќе прашање.”
Моника Зајкова изјави „ Во еден интерактивен разговор со младите денес, ги презентиравме мерките за коишто ќе се залагаме во периодот што следи, како што е директната поддршка на младото и женското претприемништво преку грантови во висина од 5.000 до 15.000 евра. Ја презентиравме идејата за старт ап тело кое нуди физички простор за работа и живеење на младите кои имаат сопствен бизнис или се во подготовка на отворање на сопствен бизнис, како и идејата за создавање на фонд за млади умови, којшто треба да го спречи одливот на млади умови надвор и којшто нуди финансиска поддршка за развој на креативниот и критички дух кај младите. Се согласивме со сите млади луѓе дека да, направивме многу, меѓутоа секогаш за младите луѓе можеме уште повеќе да направиме.”
Дарко Каевски изјави, „Денеска имавме средба со голем број на млади луѓе, каде што разговаравме за сето она што го имаме направено, но пред сè ставивме фокус на сето она што ќе го направиме. На секој еден млад човек до 29 години, ќе го враќаме персоналниот данок директно на неговата сметка. Младинскиот додаток, на сите млади кои што се вклучени во производството, а коишто имаат до 23 години, повторно ќе добиваат средства коишто дополнително ќе ги стимулира младите да бидат дел од производството. Покажавме дека можеме многу, покажавме дека можеме уште повеќе и уште подобро.”