Портпаролот на Европската комисија, Ерик Мамер призна дека појавувањето на претседателската на институцијата, Урсула фон дер Лајен било „ненамерна грешка”, но Комисијата не се извини, јави дописничката на МИА од Брисел.
Фон дер Лајен, заедно со еврокомесарката Дубравка Шуица, во текот на изминатиот викенд се појавија во видео запис на хрватската партија ХДЗ во изборната кампања, предизвикувајќи лавина од негативни реакции во европската јавност, бидејќи Европската Комисија е должна да не се меша во внатрешната политика на земјите членки, како што јасно гласат повелбите на Европската унија и Кодексот на однесување на еврокомесарите.
Портпаролот на ЕК, Ерик Мамер, изјави дека станува збор за ненамерна грешка и дека фон дер Лајен се појавува во клипот во својот личен капацитет, иако видеото е снимено во студиото на ЕК, а во позадина стои слика од зградата на институцијата.
Портпаролот тврди дека фон дер Лајен тој ден снимила „повеќе видеа” за повеќе различни настани, и дека клипот е испратен во Загреб на постпродукција. Комисијата тврди дека не била запознаена ниту со намерата на партијата ХДЗ да ја потпишат фон дер Лајен како претседателка на ЕК во клипот, што е во директна контрадикција со тврдењето дека таа се појавила „во личен капацитет”, а не службен.
Членот 9-3 од Кодексот на однесување на ЕК јасно гласи дека евркомесарите мораат да се „воздржат од било каква изјава или јавен настап во име на политичка партија или организација на социјални партнери во кои членуваат, освен ако се кандидати за изборен мандат”.
Фон дер Лајен е член на Европската народна партија, како и хрватската ХДЗ, но таа е должна да остане политички неутрална кога настапува како претседателка на Европската комисија.
Никогаш во историјата на Европската унија, претседател на Европската Комисија не се појавил во изборна кампања на ниту една политичка партија.
Новинарите на денешниот брифинг прашаа дали фон дер Лајен ќе се извини и дали ќе се преземат некакви мерки, но портпаролот остана на признавањето „ненамерна грешка”, и додаде дека е потребно во иднина да се „појаснат правилата”.
-Треба да воведеме процедури со кои ќе се осигуриме дека доколку се сними видео запис од политичка природа, тоа ќе се прави во целосно почитување на правилата на Кодексот на однесување, таа е свесна за грешката и со сигурност ќе бидеме во друга положба доколку ваква ситуација некогаш се повтори, рече Мамер.
Според информациите од ЕК, фон дер Лајен одлучила да се појави во клипот без претходно да ги консултира ниту своите најблиски советници, ниту портпаролите, кои го откриле клипот на Твитер како цела европска јавност.