Иран нема фаворит меѓу кандидатите на претстојните претседателски избори во САД, изјави денеска иранскиот министер за надворешни работи, Мохамед Џавад Зариф, јави ДПА.
-За Иран не е важно кој ќе седи во Белата куќа, за Иран е важно однесувањето на САД, рече Зариф на видео конференциска врска со италијанскиот тинк-танк ИСИП.
Шефот на иранската дипломатија рече дека неговата земја очекува од САД „почитување на меѓународните договори” и „компензација на иранскиот народ за штетите направени во последните неколку години”.
Зариф додаде дека веќе не е сигурен дека американскиот претседател Доналд Трамп има големи шанси за реизбор, поради неодамнешните домашни контроверзи и актелената неповолна ситуација со епидемијата на коронавирус.
-Мислев дека базата на претседателот Трамп е се уште цврста, но сега имам некои сомнежи, рече тој, додавајќи дека „зборува како аналитичар”, а не како министер за надворешни работи.
САД и Иран се непријатели повеќе од 40 години, но нивните односи се влошија откако Трамп реши во 2015 година еднострано да се повлече од меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма, за кој во преговорите помогна неговиот претходник Барак Обама.
-Во 2021 година претседателот Трамп или новиот претседател ќе седнат во Белата куќа, но тие ќе ги наследат одговорностите на претходната администрација, рече Зариф, пренесе ДПА.