Граѓаните знаат дека само две и пол години по режимот, живеат во слободна демократска држава во која никој не им ги попречува правата. Живеат во држава која повеќе не е изолирана, која направи пријатели и сојузници и од соседите и од најмоќните држави во светот, која е членка на НАТО и почнува преговори со ЕУ. Ние работиме за граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ работеа само за себе, истакна носителката на кандидатската листа на коалицијата „Можеме” во петтата изборната единица, заменик претседателката на СДСМ Радмила Шекеринска во интервју за Прес24.
Таа нагласи дека од едната страна коалицијата „Можеме” зборува за резултатите кои се многу сериозни, ако го споредите она што го наследивме, со она што го постигнавме, од другата страна е само плукање, бидејќи тие ниту се оградија од девастирачката политика на својот ментор Груевски, ниту помогнаа во клучните процеси со кои ја донесовме земјата во НАТО.
Само тие не се радуваа на овој огромен успех. Само тие навиваа да не ги почнеме преговорите со Европската Унија. Тие само плукаат и нудат обнова на режимот. Ние во секое место што го посетуваме кажуваме колку сработивме, до каде стигнавме, и ако тоа го постигнавме за 2,5 години – следните четири граѓаните реално можат да очекуваат многу повеќе, порача Шекеринска.
Ако за 2,5 години минималната плата порасна од 9.000 на 14.500 денари, граѓаните можат да бидат убедени дека за следните 4 години минималната плата ќе порасне уште за толку, на 20.000 – а тоа е 120% повеќе од времето на ВМРО ДПМНЕ. Просечната ќе порасне на 34.000 денари, нагласи Шекеринска.
Пензиите од почетокот на 2020 година пораснаа за над 730 денари, и ќе продолжиме со нивен раст – најниските пензии до крајот на следниот мандат ќе пораснат за 21%. Ако можевме да ја пополниме огромната дупка која тие ја направија во пензискиот фонд без да помислат на сегашните и идни пензионери, тогаш логично е да ја имаме поддршката на пензионерите и довербата дека ќе направиме уште повеќе, рече Шекеринска.
Таа нагласи дека можеме повеќе и подобро значи дека мандатот го бараме за да сработиме дури и повеќе од досега бидејќи ќе имаме повеќе време, а и ќе тргнеме од многу подобра стартна позиција од онаа во 2017.
Поради членството во НАТО и отворениот пат кон ЕУ 2019 ја завршивме со 624 милиони евра странски инвестиции, денес се веќе 660 милиони евра. Нашата држава е најповолна за инвестирање во регионот поради сигурноста што ја обезбедивме и ако на стартот на интеграциите имаме 660 милиони евра странски директни инвестиции – за очекување е дека можеме и повеќе, порача Шекеринска, додавајќи дека најавуваме една милијарда евра странски инвестиции до крајот на мандатот и во Програмата се обврзуваме дека ќе ги поддржиме домашните и странските компании со 600 милиони евра – 300 милиони од буџетот и 300 од европските фондови.
Бидејќи не ветуваме на празно. Ветуваме реално, рече Шекеринска, додавајќи дека можеме повеќе подразбира дека сите процеси кои ги започнавме, а кои значат едно – грижа за сите граѓани, ќе продолжат уште позасилено. Решивме да ги враќаме парите кон граѓаните и ќе продолжиме, бидејќи тоа е од корист за сите. Го креваме прагот за поврат на ДДВ од 7.200 на 9.600 денари годишно по корисник! Ги зголемуваме субвенциите за земјоделците и парите за рурален развој од 160 на 200 милиони евра годишно, со навремена исплата! Ќе изградиме 950 км локални, 300 км експресни патишта, 260 км автопатишта! 2.5 милијарди евра од европските фондови, европски пари ќе ги вложиме за европски стандарди дома! Земјоделците ќе добијат бесплатна „зелена” нафта. Младите и жените ќе добијат грантови од 15.000 евра за отворање сопствени фирми. Социјалната помош која ја зголемивме 3 пати продолжува да расте – повисока социјална помош ќе добијат 34.000 домаќинства, а 65.000 деца ќе добијат детски додаток. Во следниот мандат ќе изградиме 777 социјални станови!
Можеме повеќе значи дека ја поставивме државата на прав пат, поставивме темел и сега на тој темел ќе градиме цврста, побогата и посреќна држава, подвлече носителката на кандидатската листа на коалицијата „Можеме” во петтата изборната единица, заменик претседателката на СДСМ Радмила Шекеринска во интервју за Прес24.