Белгија не ги прифаќа земјите за кои ЕУ смета дека треба да бидат отворени границите на Шенген зоната, јави дописничката на МИА од Брисел.
За потсетување, минатата недела Советот на ЕУ издаде листа на 14 земји за кои се смета дека е безбедно да им биде дозволено да влезат на територијата на Шенген зоната со оглед на епидемиолошката состојба. Препораката на Советот не е задолжителна за земјите членки на ЕУ кои можат да одлучат да не ја применат.
Таков е случајот со Белгија, која денеска најави дека го разгледува списокот поднесен од страна на ЕУ.
Експертската група за управување со ризици и препорача на белгиската Влада да постапи внимателно со оглед на тоа дека повторно се воведуваат рестриктивни мерки во повеќе европски региони и дека вирусот и натаму се шири.
Иако Белгија нема да воведе рестрикции кон други земји на ЕУ, списокот изготвен од страна на Советот на ЕУ за трети земји претставува проблем, брифираат од експертската група.
Белгија нема да ги отвори границите за 14-те земји ставени на европскиот список затоа што “ризикот е сѐ уште голем” или затоа што тие земји не воведуваат мерки на реципроцитет, односно не ги отвораат границите за белгиските граѓани.
Земјите за кои ЕУ даде зелено светло се Србија, Црна Гора, Уругвај, Грузија, Алжир, Австралија, Канада, Јапонија, Мароко, Нов Зеланд, Руанда, Јужна Кореа, Тајланд и Тунис.
Белгиската Влада вети дека состојбата ќе се следи дневно во овие земји и дека одлуката може да се промени и забраните да бидат отстранети доколку се исполнети условите.