Претседателот на СДСМ, Зоран Заев на ТВ дуелот со Христијан Мицкоски на Националната телевизија му порача дека владата предводена од СДСМ води чесна и транспарентна политика во справување со пандемијата на КОВИД-19 вирусот и остварува најдобри резултати во регионот во справување со последиците врз економијата предизвикани од пандемијата.
„Ако има потреба и понатаму ќе продолжиме да зимаме кредити и да штедиме непродуктивни трошоци во македонскиот буџет за да помогнеме на граѓаните колку што можеме повеќе. Пуштивме 28 милиони евра во платежни картички до граѓаните, ваучери за да им помогнеме на најсиромашните и апсолутно за мене тоа се правилно потрошени пари. Три пати по 30 милиони евра за април, мај и јуни помагање директно на стопанството на 200.000 работници. Повеќе од 100.000 работни места се сочувани како резултат на тие мерки. Пуштивме бескаматни кредити и ќе пуштаме повторно колку што ќе можеме да собереме плус пари за да може да се одржи нашата македонска економија. Дополнително ги одложивме даноците, аконтациите на данокот на добивка, ги помогнавме невработените, примателите на социјална помош, 25 милиони евра дадовме грантови на македонската економија за да можат да ја искористат оваа развојна предност што секоја криза ја дава како можност. Покажавме флексибилност, инвентивност, а докажавме и дека државата финансиски, солвентно и ликвидно сме ја подготвиле да се справува со вакви предизвици, јас сум убеден дека имаме капацитет уште повеќе да им помагаме на граѓаните, на работниците и на македонската економија” порача претседателот Заев.