Ние имаме јасен план, јасна методологија и јасен концепт кој наидува на одобрување и од Стопанските комори и од синдикатите, но и од граѓаните. Зборуваме за раст од 4 проценти во економијата, а ја објаснуваме и методологијата како ќе го реализираме овој раст, истакна вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на дебатата со лидерот на СДСМ, Зоран Заев на МРТ.
Мицкоски е убеден дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го постигне растот од 4 проценти, појаснувајќи дека ќе го намали данокот на додадена вредност за оние кои се најпогодени од Ковид-19, и тоа кај хотелиерството и угостителството од 18 на 10 проценти, заклучно со 2021 година, а студентите ќе бидат ослободени од партиципација во учебната 20/21 година. Тоа е, како што рече, само дел од сетот економски мерки кои се иновативни решенија.
– Она што СДСМ го ветуваше е дека ќе имаат просечен раст од 5 проценти, па сега го намалија на 4 проценти иако ако гледаме кумулативно од оној квартал кога ја преземаа владата па се до денес, таа не е поголема бројка од 2 проценти, но они си знаат зошто е така, зборам за прв квартал од оваа година. Не ги бројам ефектите од вториот квартал кои ќе бидат катастрофални. Ние имаме јасен план, методологија и јасен концепт кој наидува на одобрување и од стопанските комори и од синдикатите но и од граѓаните, рече Мицкоски.
Тој објасни дека 4 проценти бруто домашен производ е процентот со кој што државата напредува во економска смисла, а според Мицкоски, денес не само што не напредуваме туку и уназадуваме.
Најави дека во првите сто дена доколку формираат Влада, три компании ќе донесат одлука да инвестираат во државата, а имињата на компаниите, како што рече, ќе бидат кажани после 15 јули.