Косовскиот премиер Авдулах Хоти ќе отпатува денеска за Париз, каде што утре во Елисејската палата ќе се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон. Веста преку соопштение за медиуми ја објави владината прес–служба, наведувајќи дека фактот оти средбата ќе се одржи во претседателската палата „говори за вниманието и посветеноста на претседателот Макрон кон Косово и неговата евроатлантска иднина”.
Посетата на Хоти на Париз се реализира во пресрет на неговата средба со претседателот на Србија Александар Вучиќ, најавена за в недела, на 12 јули, во Брисел.
Информацијата за бриселската средба, со која ќе се означи продолжувањето на преговорите меѓу Приштина и Белград, денеска преку својот Твитер ја објави гласноговорникот на Европската унија Петер Стано, неведувајќи дека на неа ќе учествуваат и шефот на европската дипломатија Хозеп Борел и пратеникот на ЕУ за косовско-српските преговори Мирослав Лајчак.
Според Стано, Хоти и Вучиќ ќе се состанат со цел „да се продолжи со работата на постигнување сеопфатен договор за нормализација на односите меѓу Косово и Србија”.
Претходната средба на косовските и српски лидери, што требаше да се одржи на 27 јуни во Белата куќа во Вашингтон, се одложи поради информацијата, објавена три дена порано, дека пред Специјалниот суд за Косово во Хаг е подигнато обвинение за воени злосторства против претседателот на Косово Хашим Тачи.