Европската Унија реагираше со куса изјава на вчерашните случувања во Србија каде граѓанските протести поради повторното воведување на полицискиот час доведоа до полициска бруталност, јави дописничката на МИА од Брисел.
Коментирајќи го повторното воведување на полицискиот час, Европската Комисија порача дека „заштитата на животите и здравјето на луѓето мора да биде прв приоритет” и дека на владата во Србија е да оцени кои мерки треба да се воведат, врз база на научни и епидемиолошки податоци.
Што се однесува до самите протести, Европската Комисија повтори дека правото на мирен протест е суштинско во демократско општество.
-Рестриктивните мерки не смеат диспропорционално да ги повредат основните права и слободи и мора да бидат временски ограничени на тоа што е строго потребно. Ова исто така важи и за правото на мирен протест, основно право во демократско општество. Истовремено, јавниот ред мора исто така да биде гарантиран, изјави Ана Писонеро, портпаролката на Европската Комисија за проширување.