Состојбите со човековите права во нашата земја за првпат се вклучени во извештајот за темелните човекови права на европската Агенција за фундаментални права и со тоа институциите добиваат корисна алатка во креирање и ревидирање на сите политики за човекови права во нашата држава, што пак треба да придонесе за отстранување на бариерите и препреките за нивно остварување.
Ова го порачаа учесниците на денешната тркалезна маса „Презентација на Извештајот за фундаментални права 2020″, во организација на Министерството за надворешни работи, Институтот за европска политика и Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Народниот првобранител и набљудувач во Агенцијата на ЕУ за фундаментални права, Иџет Мемети, рече дека минатата година Агенцијата првпат ја вклучи Северна Македонија во своето истражување со што го изедначи статусот на земјата со тој на земјите членки на Унијата, а на состојбата со човековите права во нашата земја им даде еднаква можност со тие во ЕУ.
– Заедничко за сите области е еднаквоста, односно забрана за дискриминација по каква било основа, како еден од членовите на Повелбата на ЕУ, која од пред десет години со стапувањето во сила на Лисабонскиот договор доби правно обврзувачки карактер. Во овој извештај, покрај еднаквоста и недискриминацијата, од особена важност се и прашањата поврзани со расизмот, ксенофобијата, нетолеранцијата и интеграцијата на Ромите и други. На мое задоволство во голем дел се опфатени прашања кои се од интерес на народниот правобранител и верувам дека ќе помогнат за отстранување на бариерите за нивно почитување, изјави Мемети.
Народниот правобранител, преку одделот за заштита од дискриминација, посочи Мемети, само минатат година доби повеќе од 50 претставки, каде во повеќе од 60 проценти утврдивме дискриминција, но за жал без можност да се санираат повредите. Радува фактот, укажа тој, што почна во судовите да се носат одлуки за заштита од дискриминација.
– Имајќи предвид колку се важни човековите права и за членството во ЕУ, ќе потсетам дека одејќи напред во интеграциските процеси ние задолжително ќе треба повремено да го евалуираме сработеното и да ги корегираме пропустите. Ако се има јасна слика за моменталната состојба, ќе се има уште појасна визија за како да се оди понатаму, изјави Мемети.
Директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска, која учествувала во изготвувањето на извештајот, рече дека Агенцијата преку националните партнери се обидува да ги мапира најважните развои во законодавството и стратешки документи и политики донесени од институциите.
– Самиот извештај се осврнува во областите кои се програмски во надлежнсота на Агенцијата. Можеби нема да најдете многу области, кои очекувано честопати кога велиме се работи за човекови права, меѓутоа тоа е со што во моментот се бави Агенцијата, изјави Кацарска.
Од искуството при изработка на извештајот, посочи Кацарска, во голема мера е прашањето на документирање.
– Затоа апелирам до институциите на своите веб страници да ги документираат сите активности кои што ги преземаат, бидејќи имавме ситуации кога се обраќавме во минситерства или институции да вклучат нешто што знаеме дека го направиле на своите веб страници, инаку едноставно тоа не постои за Агенцијата, изјави Кацарска.
Во извештајот, посочи Кацарска се нотира носењето на Законот за заштита од дискриминација кој беше поништен од Уставниот суд, Законот за социјална заштита, инклузивните аспекти од Законот за основно образование, новите одредби за регулирање на говорот на омраза, со акцент на нивна имплементација и градење на судска пракса.
Тања Кикерекова, од Министерството за правда, нагласи дека нашата земја е вклучена во пет извештаи објавени годинава од агенции за човекови права и тоа ќе придонесе за сеопфатна акција на национален план и за исполнување обврските преземени од државата во насока на човековите права.
– Агенцијата во извештајот ги поздравува напорите на Северна Македонија во делот на инкриминирање, односно воведување на новите дела на криминал од омраза. Во контекст на анализата за патот до ЛГБТ еднаквост, извештајот посочува дека повеќе од 49 проценти од испитаниците во нашата земја искусиле дискриминација заради нивната сексуална ориентација, родов идентитет или карактеристики на полот во 12 месеци пред истражувањето во различни области од секојдневниот живот, изјави Кикерекова.
Агенцијата, посочи таа, е на став дека државите членки треба да обезбедат услови телата за еднаквост да може да ги исполнуваат ефикасно задачите кои им се доделени согласно законодавството на ЕУ за недискриминација, како и дека треба да се засилат напорите кон координиран пристап за собирање на податоците за еднаквост со цел ниво понатамошно користење како основа за политики засновани врз докази во областа на еднаквоста и недискриминацијата.