На 74-тата седница одржана вчера, Владата донесе Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на КОВИД-19 со која го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести, со кој од категориите на лица кои се ослободени од работа и работни активности – родители на деца до 10 годишна возраст, во овој период да се вратат на работните места само родителите на децата кои се вклучени во воспитно-образовниот процес во училиштата, имајќи предвид дека учебната 2019/2020 година е завршена.
Дополнително, со оваа одлука на своите работни места и во редовен работен процес се враќаат сите вработени во институциите кои за време на претстојните предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија имаат зголемен обем на работа во делокругот на нивната надлежност поврзана со изборниот процес (на пример: Државната изборна комисија, Основниот и Вишиот управен суд и други), и кои досега по различни основи беа опфатени и ослободени од работни активности со мерките и препораките на Владата.