Остануваат уште девет дена за аплицирање на Конкурсот за „Награда од ЕУ за истражувачко новинарство”

По прекинувањето на конкурсот поради пандемијата на Ковид-19, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници повторно го отвори конкурсот за истражувачки стории од земјите на Западен Балкан и Турција за годишната „Награда од Европската Унија за истражувачко новинарство“, за кој аплицирањето трае до 17 јуни до 24 часот.

На конкурсот може да се пријават сите новинари кои објавиле истражувачки стории во периодот од 1 јануари до 31 декември 2019 година, поврзани со слободата на изразување, владеењето на право, транспарентноста, злоупотребата на моќта и основните човекови права, корупцијата и организираниот криминал.

Наградниот фонд за 2020 година во земјава е 10.000 евра, при што првата награда изнесува 5.000 евра, втората 3.000 и третата 2.000 евра.

На конкурсот може да се пријават поединци или групи на новинари со свои дела од сите новинарски форми објавени или емитувани во медиумите во земјава на македонски, албански, на некој од јазиците на заедниците или на некој од светските јазици. Критериумот за учество е сториите со кои се аплицира да биле објавени во печатен, онлајн, радио или телевизиски медиум во календарската 2019 година .

„Награда од Европската Унија за истражувачко новинарство” на Западен Балкан и Турција има за цел да ги истакне и промовира извонредните постигнувања на истражувачките новинари, како и да ја подобри видливоста на квалитетното новинарство во земјите од Западен Балкан и Турција .

Наградата е дел од тековниот проект „Зајакнување на квалитетните вести и независното новинарство во земјите од Западен Балкан и во Турција” администриран од Балканската истражувачка репортерска мрежа во партнерство со седум медиумски организации. Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници како член на конзорциумот, ќе ги координира активностите поврзани со конкурсот во Северна Македонија .

Жири комисијата за „Награда од Европската Унија за истражувачко новинарство” е составена од експерти за медиуми, некои од нив и од проектниот конзорциум, а други пак се избрани од широката мрежа на контакти која ја имаат членките на конзорциумот, како се уредници, универзитетски професори и искусни и наградувани новинари.

Апликациите се испраќаат исклучиво по електронска пошта на ssnm.info@gmail.com, формуларот за аплицирање е достапен на следниов линк., а упатството за аплицирање е достапно на следниов линк.

Треба да знаете
Последни објави