Носителката на листа на пратеници во ИЕ 1 Мила Царовска, кандидидатите за пратеници Санела Шкријељ и Дарко Каевски и градоначалникот Стефан Богоев вечерва во фитнес паркот во Карпош се сретнаа со младинските организации кои работат на унапредување на младинскиот стандард.
“Многу ме радува што токму младите се движечката сила на општествените промени и тоа го покажавте во изминатиот период со активна вклученост во сите процеси. Донесовме Закон за младинско учество и младински политики. Во изминатите три години направивме голем исчекор со тоа што ја вративме довербата во Агенцијата за вработување преку Младинската гаранција. Од над 18.000 млади лица коишто влегле во Младинска гаранција лани над 6.000 лица се вработени и тоа е голема успешност на програмата”, рече Царовска.
Царовска истакна дека младите можат да бидат претприемачи. Со здружување две млади лица можат да користат 10.000 евра за отворање на сопствен бизнис. Работиме и на развивање на средните стручни училишта и ценење на стручните професии до воведувањето на младински додаток. Повеќе од 5.000 лица коишто работат во производство, добиваат младински додаток. Овие лица добиваат плус 3.000 денари од државата на својата плата што допринесува за поголемо вреднување на нивниот труд, но и на работата што ја носат.
Санела Шкријељ истакна дека владата предводена од социјал-демократите обезбеди транспарентен и постојан дијалог со младите.
“Наш фокус беше намалување на невработеноста и тоа го направивме. Се донесе Закон за практиканство. Преку ОП обезбедивме сериозна поддршка. Од 700 милиони денари во 2016, годинава имаме 1,4 милијарди денари. Сметам дека доста направивме за младите и дека во следниот мандат ќе направиме уште повеќе”, рече Шкријељ.