Никој не кажува која е причината за забавување на процесот на интеграција во Европската унија. Со прст не мрднавме да направиме реформи во она што ни беше најважно за земјата, а тоа се правдата и правото. Токму поради тоа станавме некредибилен партнер за преговори со ЕУ. Причината за тоа е компромисот со правдата или со криминалот од минатото кој го направи оваа Влада, изјави Петар Богојески, лидер на Македонски концепт и носител на изборна листа за пратеници за ИЕ1 на вечерашната граѓанска трибина во Аеродром.
Потребна е, вели тој, одговорност од тие што ја делат правдата со личен имот наместо да одговараат на публиката зашто не ја поделиле правдата како што треба, и второ е да ги искористиме современите механизми за контрола на процесот. -Некои од правниците велат дека бавната правда не е правда. И тоа е така токму поради тоа што корупцијата ги остава предметите во фиока. Проблемот не е дека другите политичари не знаат како да се реши тоа. Напротив, знаат, но не се подготвени да се откажат од контрола врз судството и судскиот ситем бидејќи за да се откажеш од таа контрола значи да си подготвен да одговараш пред тоа судство. Многу луѓе завршија во затвор, вклучувајќи го и чичкото со ќебапите од Велес, ама никој не заврши во затвор од политичарите или високите функционери, рече Богојески.
Според него, Македонски концепт создаде понуда, создаде број 10 и граѓански листи кои се најдобриот избор за Македонија. Гласот за број 10, рече, е глас за граѓански пратеници во парламентот.
Покрај Богојески, на трибината говореа и кандидатите за пратеници д-р Елена Зафировиќ и Калин Митрески и адвокатот Владимир Бангиевски.
Според Бангиевски, судот како институција постои да ги штити интересите на граѓаните, а судската власт во изминатите 30 години од моментот на осамостојување на земјата убедливо е најслабата карика во системот на власта.
Зафировиќ, пак, потенцирапе дека како што ни треба правна држава, така ни треба и образование и здравство и оти мора да се направат промени за да се задржат во земјата луѓето кои се способни и полни со знаење и да се препознаат личните квалитети, наместо политичката припадност.