„Докажавме дека не само што не згаснал пламенот на македонскиот јазик и идентитет, напротив, го расплативме тој пламен, денес македонскиот јазик е признаен од целиот свет”, порача претседателот на СДСМ на денешната трибина на СДСМ и Коалицијата „Можеме” во Прилеп.
„Бидете горди, создадовме држава суверена, каде живеат Македонци, признаена од целиот свет. Тие што го нарекоа Блаже Конески џуџето од Небрегово, не можат да продаваат лажен патриотизам и национализам. Нашиот идентитет го зачувавме со памет и со мудрост”, додаде Заев
„Последен доказ дека сме го зачувале и зацврстиле нашиот идентитет и нашиот македонски јазик е преговарачката рамка со ЕУ. Таму јасно стои дека европското законодавство ќе биде преведено на македонски јазик. Со години во извештаите од ЕУ не стоеше македонски јазик, туку службен јазик или јазикот на мнозинството граѓани, денес тоа веќе го нема. Македонски јазик, без фусноти, без ѕвездички”, посочи претседателот Заев.
Заев додаде дека граѓаните гледаат сé, кој се грижи за националните интереси, кој мисли на граѓаните и економијата и затоа нема да дозволи лажните патриоти од ВМРО-ДПМНЕ да ја вратат државата назад во изолација и со кавги со соседите.