Носителот на листа во ИЕ 2, Оливер Спасовски, во вечерашното интервју за Националниот сервис направи разлика на политиките на рушење на здравствениот систем во времето на ВМРО-ДПМНЕ и режимската власт и на политиките на вложувања во кадар и во здравствената инфраструктура за време на оваа власт и порача дека здравствените политики на вложувања мора да продолжат во интерес на здравјето на граѓаните.
„Гледаме колку е важно системот да функционира. Доцна е да вложувате кога ќе се случи вакво нешто. Во изминатиот период институциите покажаа дека може да одговорат на потребите на граѓаните. Ние ги јакневме и капацитетите на институциите и вложувавме во човечки капацитети. После разорното однесување на режимот и на ВМРО-ДПМНЕ во здравствениот систем, кога најголем дел од лекарите заминаа, како ќе се справевме со ситуацијата ако ние не ги зголемивме платите на лекарите, вработивме 780 лекари и над 100 медициски сестри – ќе немаше кој да ги опслужува граѓаните. 30 болници се реконструирани. Отворивме Ургентен центар во Куманово од 900 илјади евра, Ургентен центар во Прилеп, болницата во Струмица, после 33 години ја опремивме со апаратура да може да опфати 200.000 луѓе. И во наредниот период ќе вложуваме” рече Спасовски.
„11 години во времето на режимот, скоро воопшто специјализации немаше, наместо да имаме продукција на кадри. Посветуваме внимание на здравствениот систем, ќе вработуваме лекари, ќе купуваме нова апаратура, за здравствениот систем да може да одговори на потребите на граѓаните и во следниот период” рече Спасовски.
Тој дополни дека кадрите на ВМРО-ДПМНЕ одмогнаа и во здравствената криза, како што е одбивањето на нивната претставничка во Министерството за финасии, да стави потпис за пари од Светската банка за вложувања во здравството.
„Секој кој си игра со здравјето на граѓаните и сака политички да профитира, на овој начин, со лажни вести и слично, тоа ќе му се удри од глава зашто животот и здравјето на граѓаните немаат цена” рече Спасовски кој најави дека здравството е меѓу врвните приоритети воПрограмата за следниот 4-годишен мандат.