„Гласај”-нова иницијатива на ЦИВИЛ за граѓанско учество на изборите

Здружението ЦИВИЛ ја спроведе иницијативата „Гласај / Voto” на социјалните мрежи со цел, како што соопшти денеска, да им даде поттик на граѓаните да го искористат своето право на глас и да излезат на гласање на 15 јули.

ЦИВИЛ повикува на гласање, но и на максимално придржување кон мерките за заштита од коронавирусот на денот на гласањето.

Наведуваат дека многу познати јавни личности, граѓански активисти, актери, музичари, новинари ја препознале важноста на правото на глас и зошто е потребна излезноста на 15 јули, и ја поддржаа оваа инцијатива.

-Оваа иницијатива ја поддржаа: Перо Арсовски, актер и голем поборник за демократски и европски вредности, Дорина Ајдини, граѓанска активистка и популарна ТВ водителка, Ирена Стеријовска, режисерката и активистка, музичарот Мирко Попов, познат и како ПМГ Колектив, Анита Латифи, новинарка и активистка, Зоран Кардула, дизајнер и активист, Бубо Каров, мултимедијален уметник, Катерина Колозова, универзитетска професорка и граѓанска активистка, и други. Тие, преку видео обраќања, Фејсбук статуси, со Фејсбук рамката „Гласај / Voto”, преку илустрации и на други креативни начини, ги повикуваат граѓаните на излезност, информира ЦИВИЛ.

Преку иницијативата на ЦИВИЛ, граѓаните може да се информираат за своите права и за сите најважни аспекти на изборниот процес, преку новата веб страница „Гласај”, vote.civil.org.mk.

-Меѓу другото, на оваа веб страница може да се најдат одговори на често поставуваните прашања: „Кога се изборите? За што гласаме? Што се случува на избирачкото место? Каде гласам? Дали ми треба документ за идентификација? Кого да контактирам во случај на нерегуларности? Колку е безбедно да се гласа? Како да се заштитам за време на гласањето?” Гласај / Voto е името на Фејсбук настанот на страницата на ЦИВИЛ, на која граѓаните можат да ја искажат својата поддршка за оваа важна граѓанска иницијатива, се наведува во соопштението на ЦИВИЛ.

Треба да знаете
Последни објави