Мојот политички противник, Зоран Заев е најголем кошмар за Македонија, а за некои соседи е најпосакуваниот сон затоа што овој човек нашите интереси секогаш му се последни на листата на приоритети, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашниот предизборен народен собир во Гевгелија и порача дека се пред голема победа и оти на 15 јули заминува срамното и понижувачко време.
-Затоа ви велам дека ова не се обични избори, туку избори на кои одлучуваме во каква Македонија сакаме да живееме. Ова се избори меѓу различни концепти, помеѓу стари потрошени политичари кои нема што да понудат и луѓе кои што со себе имаат визија, лично минато но и решение за сите предизвици кои ќе се испречат на патот до нашиот сон, нагласи Мицкоски.
Лидерот на коалицијата „Обнова на Македонија” посочи дека заминува срамното и понижувачко време на корупција, криминал и понижување и дека доаѓаат најдобрите четири години за овој народ со кого повеќе никој нема да владее, најмалку политичките елити затоа што политичарите се тие кои треба да му служат на народот.
Зборувајќи за развојот на државата и бенефитите за народот од програмата „Обнова за Македонија” Мицкоски посочи дека секој за себе може да најде по нешто.
-Таму ќе најдете како ќе дојдеме до едноцифрена невработеност, до најнизок рамен данок во Европа од само осум отсто, данок од 0 отсто за млади луѓе до 29 години, 20 отсто поголеми пензии, 25 отсто покачување на просечната плата, четири милајарди евра домашни и странски инвестиции во државата, како и многу инфраструктурни проекти за развој на образованието, економијата и културата во општина Гевгелија и проект за патот Смоквица-Прдејци, нагласи Мицкоски.
Затоа велам, рече тој, дека ова не се само обични избори и оти 15 јули не е само обичен ден и поради фактот што од овие политички бесрамници од кои сме омаловажени и понижени треба да ја спасиме нашата горда Македонија на која прво и се заканува федерализација, а потоа и уништување од страна на коалицијата меѓу СДСМ и БЕСА.
Покрај ова лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека без правна држава нема да имаме никаков успех и затоа во правосудството мора да направиме реформи што ќе значат почитување на законите насекаде во државата и излез од ова, како што посочи, политичко мочуриште.
На крајот од обраќањето,Мицкоски ги повика гевгеличани на 15 јули рано наутро да излезат на гласање и да го заокружат бројот 14 пред името на Алекандар Николоски, за победничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за „Обнова на Македонија” за да се исправиме и да ја исправиме и Македонија.
Покрај лидерот Мицкоски, вечерва на гевгеличани обнова им ветија носителот на листата во ИЕ 4 Александар Николоски и пратеничката кандидатка Ангелина Петкова која вети дека доколку влезе во Собранието целиот свој хонорар ќе го донира за хуманитарни цели.
Претходни Мицкоски и Николоски беа во Валандово каде порачаа дека на 15 јули ќе го совладаат СДСМ и Заев кој, според нив, е кошмар за македонскиот народ, а за нашите соседи најпосакуван сон.
-Затоа дента на 15 јули секој оној што ќе одлучи да излезе и да гласа за Заев, да знае дека гласа за крај на Македонија онаква каква што ја знаеме. Но, јас сум убеден дека голема енергија се мобилизира, оној пиреј кој расте, пркос, револт да се совлада ова раководство на СДСМ предводено од Заев. Пред голема победа сме драги пријатели. Македонскиот народ секогаш се обединувал пред правдината, заврши Мицкоски во Валандово.
Николоски од Валандово вети дека се обврзуваат на директен удар на „зелената мафија” што, како што рече, е во директна координација со семејството на Заев и им го цица трудот на граѓаните.