Имаме се помал број пациенти во болници. Просекот на новодијагностицирани секој ден се намалува. Рестриктивна мерка се воведува тогаш кога ќе се оцени дека има ризик по здравствениот систем и тоа ни беше потврдено од страна на експертот, кој не посети од Светската здравствена организација. Тоа е единствена дополнителна мерка на сите оние мерки што сега важат кај нас, ама не важеа во околните земји, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче, кој беше на симулација на безбедно гласање во организација на ДИК.
Бевме, посочи, сведоци на големи собири, спортски натпревари, што кај нас се забранети.
– Може да се одигруваат спортски натпревари, групни спортови без публика заради тоа што знаеме дека тоа е еден огромен ризик. Во таа смисла и моментот кога треба да се воведе рестрикција, треба добро да се оцени, затоа што во даден момент можеби и е многу доцна. Кај нас нема ниту најава е потребна некаква дополнителна мерка, додаде Филипче, одговарајќи на новинарско прашање.
Министерот за здраство денеска уште еднаш нагласи дека препораката за секаква форма на масовно собирање останува и сега и во иднина, но исто така и дека огромен дел во целата борба против коронавирусот останува на свеста и совеста на народот.
-Препорака апсолутно имало, има и сега и ќе има и во иднина за секаква форма на масовно собирање. Но, секогаш доаѓаме до истата поента, а тоа е дека огромен дел во целата борба против коронавирусот останува на свеста и совеста на народот. И она што се случуваше во изминатиот период новите случаи вториот бран, почетокот, трансмисијата после тоа го поврзуваме со настани коишто овие превентивни мерки не се почитуваат. Било каква форма на собир каде што нема да се одржува дистанцата, нема граѓаните да носат маски асполутно е ризик како по здравјето на таму присутните, така и по здравјето на сите нивни блиски, рече Филипче.
Министерот за здравство, сепак, кажа дека верува дека во последните денови од кампањата, а и вечерта по изборите кога ќе се знаат резултатите, ќе се почитуват апсолутно сите протоколи.
-Ние практично секојдневно на утринските состаноци на КЗБ разгледуваме различни барања, од организатори на настани на отворено, на затворено, свадбите дали ќе се организираат или не беше прашање пред некој ден. За се важат истите препораки. И повторно ќе се вратам на тоа новите случаи се исклучиво таму каде што мерките не се почитуваат, дециден е Филипче.