Родовата еднаквост е вредност во која СДСМ верува затоа што општество во кое сите се еднакви е општество во кое има просперитет.
Направивме многу во изминатите 2,5 години, покажавме дека можеме и во наредните четири години ќе продолжиме уште повеќе и уште подобро.
Ја ратификувавме Истанбулската конвенција, го донесовме Националниот план за имплементација 2018-2023, отворивме и поддржавме 16 центри за жртви од родово базирано насилство во сите 6 плански региони.
Први воведовме целосна рамноправност на жените и застапеност од 50:50 на пратеничките листи.
Донесовме нов закон за прекин на бременоста, по европски стандарди, со кој го вративме правото на жената да одлучува за сопственото тело и сопственото здравје.
Со реформи во социјалната заштита, со унапредување на социјалните услуги и со отворање на детски градинки креираме работни мести во економијата за грижа, каде доминантно се вработуваат жени.
Ја вклучивме родовата перспектива системски, во процесот на стратешко планирање и буџетирање, отворивме ресурсен центар за креирање родово одговорни политики.
Родовата еднаквост и во следниот период ќе биде наш висок приоритет.
Целосно ќе го усогласиме Кривичниот законик со одредбите од Истанбулската конвенција и сите форми на родово базирано насилство ќе бидат кривични дела.
Следна задача ќе ни биде да обезбедиме 40% застапеност на жените во извршната власт, на функции на кои ги именува владата.
Ќе воведеме задолжителен бесплатен преглед за жени над 35 години, кој ќе содржи гинеколошки преглед и мамографија.
Производите за менструална хигиена, до кои дури 15 отсто од жените и девојчињата немаат пристап, не се луксузна стока и треба да им се достапни на сите жени и девојчиња, затоа ќе го намалиме данокот на овие производи од 18 на 5 проценти.
Ќе донесеме нов закон за работните односи, во кој ќе се дефинира и уреди мајчинско отсуство, татковско отсуство и ќе овозможиме заедничко родителско отсуство за двајцата родители, работа од дома доколку еден од родителите го прекине отсуството и се врати на работа, ослободување од работа ноќе за самохраните родители.
По 15 јули ќе продолжиме да ја унапредуваме родовата еднаквост, бидејќи можеме уште повеќе, уште подобро.