Хрватска очекува и троцифрени бројки на новозаразени од коронавирусот

Во Хрватска утринава се регистрирани 76 новоинфицирани лица од коронавирусот, што е за 23 повеќе во одност на бројките кои беа објавени вчера. Информацијата за новоинфицирани лица ја соопшти помошник директорката на Заводот за јавно здравје во Хрватска, Марија Бубаш, кој напомена дека не ја исклучува можноста во наредните денови бројот на новозаразени да стане и троцифрен.

Националниот штаб за цивилна заштита во Хрватска вообичаено резултатите од направените тестирања од почетокот на пандемијата ги соопштува попладне околу 14 часот.

-Бројките не се добри. Денеска имаме 76 новозаразени. Тоа зголемување не е неочекувано. Податоците од теренот зборуваат дека можеме да очекуваме благ пораст на новозаразени лица – соопшти Бубаш.

Собирите по разни поводи, непочитувањето на физичката дистанца и пропишаните мерки за заштита придонесоа бројот на заразени од коронавирусот да се зголемува.

Новите мерки во заштитата од пандемијата нема да бидат рестрективни, туку во облик на препораки и ќе се бара одговорно однесување од граѓаните.

Според Бубаш епидемиолошката слика во Хрватска не е застрашувачка, но потенцира дека граѓаните не се придржуваат до пропишаните мерки за самозаштита.

 

Треба да знаете
Последни објави