„Нашиот став кон тие прашања ако конкретно алудирате на тие два договори сме го кажале многу пати во минатото, апсолутно ниту имам што да додадам, ниту што да одземам од тоа прашање. Истовремено на многу мои настапи во изминатиов период сум го кажал и последниот наш став, а тоа е поврзан со сето она кажано во минатото дека ние би биле лицемери ако кажеме дека ја игнорираме реалноста“, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при своето гостување на емисијата „Топ Тема“.
Мицкоски додаде дека не може да се игнорира реалноста бидејќи се учествува на избори, и си дел од влада каде што за жал постои новата придавка на името. Тогаш тој би бил лицемерен ако пред избирачите и пред граѓаните каже дека тоа не е така. Тогаш граѓаните на тоа сигурно би кажале зошто тогаш учествува на избори.
„Моето демократско право е ако со нешто не се сложувам дека ќе се трудам да дадам се од себе за да променам таа реалност ако за нешто ценам дека е ускратено моето елементарно право, ако ценам дека може да биде подобро“, нагласи Мицкоски.
Мицкоски посочи дека никогаш нема на пример да се сложи дека Гоце Делчев бил нешто друго, а не Македонец. Не може да се сложи дека македонскиот јазик е дијалект на бугарски. Не може да се исполнуваат ставки од договорот со јужен сосед предвреме. Нема да се сложи да се откаже од своите сонародници кои живеат во соседните држави.