– Екипи на Општинскиот и на Државниот градежен инспекторат со механизација почнаа со демонтирање на базата за производство на бетон, лоцирана на самиот излез од Охрид на стариот пат кон Струга.
Станува збор за објект изграден минатата година од страна на советник на ДУИ во Советот на Општина Охрид, за која веднаш беше издадено решение за уривање, со забелешка дека се работи за нелегално изграден објект.
Базата се наоѓа во непосредна близина на хотелот чие уривање започна пред четири дена.
За самата база беше соопштено дека е изградена на земјиште на Исламската верска заедница, доделено по пат на денационализација.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при последната посета на Охрид истакна дека е ирелевантно чии се дивоградбите, нагласувајќи дека не смее да има селективност во постапките по решенијата за уривање.
– Каде градоначалникот нема ингеренции, ингеренции има Државниот градежен инспекторат, рече Сугарески.