Потпретседателот на Јувентус, Павел Недвед ја коментираше ждрепката за четвртфиналето и полуфиналето на Лигата на шампионите.
Тимот би можел да се соочи со Манчестер Сити или Реал Мадрид, а потоа против некој од Барселона, Наполи, Баерн (Минхен) и Челси.
Прво, сепак, „Бјанконерите” мора да го елиминираат Лион во 1/8-финалето, од кого загубија со 0:1 во првиот меч.
– Пред се, ние треба да го надминеме 1/8-финалето, откако ни е јасно дека нè чека многу тежок реванш. Ждрепката е многу возбудлива, но секогаш е тешко да се избере противник од четвртфиналето наваму, бидејќи сите екипи се силни во оваа фаза. Реал Мадрид и Манчестер Сити се двата кандидати за трофејот и во секој случај станува збор за многу тежок судир. Сега нашата цел е да дојдеме до Португалија. Овој нов формат со три елиминациски натпревари е многу интересен за целиот фудбалски свет, особено затоа што се игра во период кога обично нема фудбал, изјави Недвед за веб-страницата на УЕФА.