Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори, Мила Царовска и градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, денес извршија увид во тековните активности за изградба на мостот „АСНОМ“, новото патно решение со кое се добива уште едно премостување на реката Вардар и се поврзуваат општините Аеродром и Гази Баба.
Вицепремиерката Царовска, која по покана на градоначалникот на град Скопје, присуствуваше на увидот на активностите кои се одвиваат за изградба на мостот „АСНОМ“, посочи дека градот Скопје во изминатиот период навистина покажа дека вложува во изградба на современа инфраструктура, во суштински објекти коишто значат подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните, подобро поврзување на сите делови од градот, со што директно се влијае и на подобрување на економијата и пристапот на компаниите до поквалитетна инфраструктура.
„Јас сум сигурна дека градоначалникот ме покани на овој објект, не само да видиме до каде се овие градежни работи, туку заради тоа што главен архитект на овој круцијален мост во нашиот град е жена, главната архитектка којашто го следи и го гради овој објект. Жените навистина, и во светот, и во нашата држава градат мостови, но не само фигуративно, тука имаме и практично прикажување дека жените навистина може да градат вакви објекти, коишто се од огромно значење, не само за градот, туку за целата нашата држава. На тој начин ја менуваме перцепцијата за тоа што е машка, што е женска професија. Јас само сакам да и честитам за сите објекти коишто досега ги има изградено. Исто така и на компанијата која гради и и ја дала довербата да таа биде главен архитект тука“, нагласи Царовска.
Градоначалникот на град Скопје Шилегов, рече дека градежни работи на мостот АСНОМ се започнати пред неколку месеци, а се одвиваат со засилен интензитет и динамика. Изградбата на мостот АСНОМ е всушност дел од новиот коридор, којшто град Скопје го воспоставува, односно втора фаза од средувањето на булеварот „АСНОМ“.
„Може да видиме дека полека се ставаат темелите, јас очекувам дека за неполн месец ќе бидат сериозно видливи на површината. Станува збор за инвестиција од околу 5.6 милиони евра, средства на градот Скопје, во којшто треба да биде изработен овој мост од габарит на мостот „Гоце Делчев“, два пати по 3 сообраќајни ленти, два пати по велосипедска и пешачка патека со коишто на коридорот се овозможува урбаното движење на граѓаните на Скопје од општина Аеродром кон општина Гази Баба, бидејќи финално изглегуваме кај раскрсницата кај поранешен Саем и ќе направиме едно олеснето движење за жителите на нашиот град. Работите се одвиваат со предвиденото темпо така што јас очекувам дека некаде средината на идната година веќе ќе може да зборуваме за привршување на оваа сериозна инвестиција на нашиот град имајќи во предвид дека вистински мостови не се градени повеќе од 20 години во Скопје“, нагласи градоначалникот Шилегов во изјава за медиумите.
Главен градежен инжинер на мостот „АСНОМ“ е Ивана Димитрова, магистер по технички науки од областа на градежништвото. Во нејзиното портфолио е од областа на градежништвото се изградба на повеќе мостови на автопат Кичево-Охрид, изградбата на спортскиот центар „Јане Сандански“, Кривичниот суд во Скопје како и катната гаража „Солунски конгрес“ во Скопје.
„Зад себе имам големо искуство и упорна работа за да докажам дека жените можат да се носат поеднакво со мажите во оваа, засега сметана за машка професија“, рече раководителката на работите за изградба на мостот Димитрова.