Претседателот на СДСМ, Зоран Заев во вечерашното интервју на телевизија Телма рече дека ДУИ со барањето Албанец премиер испратила уценувачка порака.
– Уцени нема да прифатиме, тие јасно испорачаа уценувачка порака, под уцени нема да разговараме, се е отворено за разговор, се е отворено за разговор и мојата желба е ДУИ да оди во опозиција, заради државата, рече Заев.
Тој посочи и дека за СДСМ сите граѓани се исти и оти исти пораки испраќаат секаде каде што одат.
-Прво за нас граѓаните се граѓани и навистина адресираме исти планови, исти надежи, исти ветувања насекаде, во сите овие наши настапи. Ако мое обраќање до граѓаните на сите овие трибини или било какви настапи е некаде 30 минути можеби 2-3 минути трошиме на ДУИ, но, веројатно тоа поминува кај луѓето заради тоа што сме се уште актуелни коалициски партнери. Дефинитивно лично мислам дека е здраво и за државата и за ДУИ да поминат во опозиција, 17 години власт е премногу долг период посебно имајки во предвид дека доаѓа време во кое што треба да работиме дома, рече лидерот на СДСМ.
Тој додава дека коалицирал со ДУИ оти такви биле бројките во моментот.
-Прво бројките на почетокот на формирањето на коалицијата беа неприкосновени. Тие беа бројките и можете едноставно да влезете во коалиција со ДУИ и немате некоја посебна друга опција. Таа коалција беше изградена на основа на вредности, на цели, на таргети кои што исполнивме огромен дел од нив, навистина се донесоа сите историски одлуки, се завршија реформите во државата, условот кој што беше за добивањето на одлуката за преговорите, дигнавме економија значително, но и меѓудругото видовме и слабости, истакна Заев во интервјуто.