Во градовите низ Србија четврти ден по ред се одржуваат протести. Граѓаните се собираат во Белград, Нови Сад, Ваљево, Ниш, Лесковац, Пирот и Врање, незадоволни од актуелната политичка и епидемиолошка ситуација во земјата.
Пред Народното собрание во Белград се собрани неколку стотици луѓе, извикувајќи „Уааа”, „Косово е Србија”. Меѓу демонстрантите се наоѓаат и лидерот на Демократската партија Зоран Лутовац и претседателот на Народната партија, Вук Јеремиќ.
Граѓаните се незадоволни од работата на власта и начинот на кој се борат против пандемијата на коронавирусот.
Во Ниш собирот започна пред зградата на Градското собрание, а демонстрантите, кои се главно млади луѓе, го блокирале и автопатот.
Граѓаните на Чачак вечерва се собраа пред зградата на Градското собрание, барајќи оставка од локалното и републичкото раководство. Незадоволството го изразиле со свирежи и транспаренти на кои пишува „Не го даваме протестот”, „Напродот и полицијата моќна коалиција”, „Провокатори стоп”.
Група граѓани на Нови Сад, меѓу кои и потпретседателката на Партијата за слобода и правда Мариника Тепиќ тргнала да го блокира автопатот, но биле спречени од полициски кордон. Демонстрантите извикувале „Фрлете ги штитовите, ние сме ист народ”. Собирот почна мирно во 18 часот, а повеќето учесници носат заштитни маски.
Првите два дена од протестите ги обележаа употреба на сила, солзавци и водени топови, насилно влегување во Собранието, напади врз новинари, како и судири меѓу граѓани и група хулигани кои ги опструирале собирите. Граѓаните синоќа мирно протестираа седејќи на улиците и тротоарите, а мотото на протестот беше „Седи, не наседнувај!”.