Оскар Исак неодамна рече дека нема да глуми во високобуџетни филмови и дека планира да се фокусира на римејк на класици.
И се чини дека ќе му се исполни желбата, откако „Варајати“ објави во четвртокот дека актерот ќе глуми со Мишел Вилијамс во адаптација на еден безременски филмски класик од 1973 година.
Исак и Вилијамс ќе глумат во „Сцени од брачниот живот“ (Scenes From a Marriage) на шведскиот режисер Ингмар Бергман, што ќе се прикажува на стриминг-платформата ХБО.
Адаптацијата на делото на шведскиот режисер за распаѓање на меѓусебната врска на една брачна двојка е нарачано како кратка серија од страна на ХБО.
Оригиналот на Бергман се емитуваше на шведската телевизија во шест епизоди, со Лив Улман и Ерланд Јoсeфсон во главните улоги.
Според „Варајати“ верзијата на „ХБО“ ќе ја преиспита визијата за љубов, омраза, желба, моногамија, брак и развод преку леќите на современа американска двојка.