На вечерашната трибина на СДСМ и Коалицијата Можеме во Кавадарци претседателот Зоран Заев се осврна на понудата на ВМРО-ДПМНЕ на овие избори.
„Ете го Александар Николовски, од Охрид го донеле во изборна единица пет. Тој е една од десната рака на Груевски. Ништо не можеме да понуди, докажан извор на лажни вести. Дојде овде и без срам кажа дека „Дрекслермаер” ќе ја затвора фабриката и го демантираа и раководството на фабриката и градоначалникот. После отиде во Прилеп и вели Тутунскиот комбинат работи најлошо досега, а првпат Комбинатот има добивка и зголемени плати на работниците”, истакна Заев.
Заев дополни дека во ВМРО-ДПМНЕ има само лажни патриоти а вистински патриот е оној кој мисли на своите граѓани, вложува во повисок економски стандард.
„Вистински патриотизам е кога минималната плата и во време на решавање на сите спорови, во време на избори, ја качува минималната плата од 150 евра на 14.500 денари, оној кој ја укинува радиодифузната такса и носи закон за отпис на долгови, кој ги покачи пензиите, а не оној кој шири лажни вести, кој троши пари на стиропор и бронза”, посочи Заев, повикувајќи ги граѓаните на 15 јули да гласаат на безбедни избори и да заокружат број три за напредокот да продолжи уште повеќе и уште подобро.