Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва, на претпоследниот ден од кампањата за предвремените парламентарни избори, беше во посета на Крива Паланка. Мицкоски ги повика граѓаните да гласаат за реден број 14 затоа што тоа е глас за Македонија и оти со тоа ќе се стави крај на срамното владеење со Македонија од страна на Заев и СДСМ.
„Ќе започнам од оној Конгрес во Валандово кога започна маратонот да ја урнеме оваа ненародна власт и да дојдеме до предвремени избори. Внимателно го одевме патот до нашата цел, по патот имаше и по некоја критика и ни велеа зошто молчите. Но пусто не можеш да кажеш што се планираш, да ја откриеш стратегијата. Нашата цел беше да се знае и победникот на изборите, еве како што се знае сега. Сега ни преостанува само да ја официјализираме нашата конечна победа што ќе се случи на 15 јули“, кажа Мицкоски.
Мицкоски ги повика сите политички неопределени, политички определените, како и оние за политичкиот противник СДСМ укажувајќи дека не се бореа за вакво СДСМ обремено со криминал.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потсети на матрицата на СДСМ која ја карактеризираат четири чекори. Првиот чекор, рече Мицкоски, „е секогаш предизборна лага, претпоставувам и сега го правеа тоа пред вас, вториот чекор, ако по некоја случајност успеат да направат влада, а не победиле 18 години, но ако и по некоја случајност да направат влада следи национално понижување и срам, третиот чекор, пљачка и криминал, и на крај четвртиот, заробено обвинителство и судство, обвинителство за пресметка со политичкиот противник, а судството за да донесе некоја трас-трас одлука за да се амнестираат“.
Мицкоски рече ако имаат можност да направат влада, на маса ќе биде Македонија и додаде дека секој што ќе заокружи за листата на СДСМ, предводена од Љупчо Николовски гласа за разнебитување, за федерализација на Македонија.
„Сигурен сум дека ова нема да се случи, нема да и се случи на Македонија. Затоа кога ќе ви кажат дека можат, слободно кажете им – можевте. Во изминатите три години правеа се што не требаше да прават. Лицемерието ќе заврши на 15 јули. Прашањето е кој ќе ја наведне главата по 15 јули, одговорот го знам – тоа ќе бидат тие“, кажа Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоси укажа и дека наместо правда и мир, донесоа неправда и немир.
„Цело време лажат, лажат за се, се работело за пусти пари, за моќ да можат да уценуваат, затоа кога зборувам за Обновата зборувам за вредности – чест, работливост, трудељубивост. Стојам пред вас и ветувам дека никој повеќе нема да шефува, туку тој што ќе ја води владата ќе разговара и ќе го слуша народот. Сите заедно ќе ги засукаме ракавите и ќе работиме. Тоа што може ќе се направи веднаш, тоа што не може ќе се каже кога ќе се направи“, рече Мицкоски.
Мицкоски се осврна на програмата Проект-Обнова во која рече дека има по нешто за секого, за сите за вработените, за пензионерите, за младите, дека ќе има 4 милијарди евра инвестиции, дека ќе има 160 милиони евра субвенции за земјоделците. Говорејќи за програмата, Мицкоски потенцираше дека многу внимателно се работело во делот право и правда со истакнати експерти, професионалци.