На финишот од кампањата техничкиот премиер Оливер Спасовски за 24 инфо вели дека 15 јули ќе го запаметиме како референдум кога сме избрале да останеме на сигурно и да продоложиме по правиот пат. Обновата на режимот што ја бара ВМРО-ДПМНЕ не е опција, опасност е. Битно за него е дека сме на сигурно, младите ни се на сигурно, родителите ни се на сигурно, државата ни е на сигурно. Во исто време посочува дека економијата ни сигурна, бизнисите исто така, а клучно во целава ситуација е дека јавното здравје ни е сигурно.
Сигурни сте во победа на СДСМ на 15 јули?
Сигурен сум во победата на концепот Едно оптество за сите, бидејки се грижиме за сите. Сигурен сум во победата на концептот за нова развојна економија што носи до 20.000 минимална плата, до 34.000 денари просечна плата, до крајот на мандатот, до 21 процент зголемување на најниските пензии, до 18.000 денари просечна пензија, до минимална пензија не помала од 10.700 денари. Сигурен сум во победата на концептот парите кај граѓаните, социјална помош за плус 34.000 семејства, нови 777 социјални станови, детски додаток за 65.000 деца. Сигурен сум во победата на концептот – поддршка на бизнисите, нови 600 милиони евра за домашните и странските претпријатија и 1 милијарда евра странски инвестиции до крајот на мандатот. Победата на СДСМ и коалицијата Можеме на овие избори ќе биде уште една голема победа на граѓаните и на Република Северна Македонија.
Зошто во ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски гледате обновен режим?
Истите ликови кои местеле да се преврти трактор кај Пресека, да има сообраќајка кај Кичево сега се носители на листи на ВМРО-ДПМНЕ. Не се појавуваат на дебати, лажат, прават конструкции, гледате каква негативна кампања водат, полна со омраза. Тие не се обнова. Тие се опасност. Би биле уште поопасни ако го обноват режимот, зашто се смрзнаа овие три години од правдата што ги чека, а нема назад од тоа со новиот Закон за јавно обвинителство што стапи на сила. Тоа е едниот аспект – дека се работи за битка за обновување на режимот. Вториот се лагите во бројките со коишто се расфрлаат од ѓутуре, што би рекол нашиот народ. За каква економија зборуваат кога тие најавуваат поништување на договорот од Преспа, тоа значи проблематизирање на интеграциите, дестабилизација на меѓуентнички план, не поднесуваат граѓани не само од други партии или неопределени, туку ни граѓани од другите етнички заедници, што значи и дестабилизација дома. Мицкоски е во хаос, тој нема концепт откако ќе го поништи Преспанскиот договор како ќе ја спаси државата од пропаст, а не пак како во такви услови ќе гради економија. Режимската ВМРО-ДПМНЕ мора да остане во опозиција и да се самообнови, прво од Мицскоски, Мисајловски, Николовски, Јанушев. Нека повежбаат внатре обнова, верувам дека има добри луѓе во ВМРО-ДПМНЕ кои можат да бидат одговорна опозиција. Само искрено им посакувам сила во нивниот ринг да се справат со валканиот бокс на Груевски и Мицкоски. Како и да е, боксерите од ВМРО-ДПМНЕ подалеку од граѓаните и државата – и тоа ќе се случи на овие избори. Ќе ги оставиме во нивниот ринг.
Спавот ДУИ да оди во опозиција од каде излезе?
Не е доволно да зборуваш за НАТО и ЕУ, треба да применуваш демократски европски вредности. Работат ли транспарентно? Отчетни ли се? Подготвени ли се да го прифатат концептот правда за сите? Не е доволно ни да зборуваат за Едно општество за сите. А излегоа со националистички концепт со којшто ја враќаат државата во мрачни времиња. Предлолго беа заедно ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и многу работи попримиле едни од други. И сега се насетува таа љубов. Демагогија се нивните тврдења дека некој имал нешто против Албанците кога фактите зборуваат дека имаме министри Албанци, директори Албанци, потпретседатели и на раководни места во СДСМ луѓе од албанска националност, како и од други националности. Претседателот Заев со ризик по својот живот го бранеше Талат Џафери. Од ДУИ мораат да разберат дека европска Македонија за којашто се заложуваа стана реалност и во неа се бара чесно, домаќинско и максимално посветено работење од страна на власта за интересите на граѓаните, а не за нечии џебови. Би ни било драго да го разберат тоа. Најпосле, не може во светот `се да е менливо само ДУИ да е вечна.
Што Ви остави посебен впечаток во Кампањата?
Е таа реченица на младиот човек од Куманово, за којашто зборував на централната трибина, дека слободата е правда, зашто со слободата што ја овозможивме, луѓето слободно да мислат, да се изразуваат, да пишуваат, да се вработуваат, да се борат за своите законски права и влакно од главата да не им фали – исправивме многу неправди. На ред е да го прочистиме и правосудството и тоа ќе се случи. Високите случаи на корупција, случаите на СЈО и други, ако има, ќе добијат судска разрешница. Ќе го испитаме потеклото на имотот на судиите, да видиме како го стекнале – чесно или преку „Ало судија“ и тевтерчиња. Ќе направиме и ревизија на 5 проценти од судските предуси – да видиме како се донесени и ако некои предмети стоеле во фиока со години, кој ги чувал и што добил за возврат. Судиите кои намерно застаруваат предмети, ќе бидат по автоматизам разрешени. Во првите 100 дена од формирањето на Владата ќе го покренеме овој процес. Оваа Кампања ќе ја паметам по таа реченица од младиот човек што ви ја кажав, зашто ми ја потврди младешката зрелост и сила што постои во оваа држава. Младите се нашата правда и со тоа нашата сигурна заедничка иднина.
Еднаш ве прашав, каде се гледа Оливер Спасовски по 15 јули, сега кога завршува кампањата што би рекле?
Истото, бев, сум и останувам во првите редови борец за сигурна иднина на граѓаните и државата.