Денеска во Паркот на новинарите беше потпишана Декларација за млади, образование и иднината од страна на Универзитетските собранија на универзитетите „Св. Кирил и Методиј”, „Мајка Тереза”, „Климент Охридски” и „Гоце Делчев и претставници на политичките партии од СДСМ и Коалиција Можеме, ДОМ, ВМРО ДПМНЕ – Коалиција Обнова за Македонија, ДПА, Македонски концепт и Глас за Македонија.
Причината за организирањето на ваков собир е катастрофалната ситуација во која се наоѓа високото образование. Потребата од потпишување на декларацијата доаѓа од деценискoто отсуството на политичка волја за сериозни реформи во образованието. ,,Образованието е темелот на едно општестно и не смееме да дозволиме истото да се уништува само поради некадарност во политичките партии или уште полошо, да дозволиме образованието да биде жртва на коалициски трговии,, – изјави Борјан Ефтимов, претседател на Универзитетското студентско собрание на УКИМ.
Овој документ нема инстантно да го спаси образованието со оглед на катастрофалната состојба во која се наоѓа, но конечно ќе отпочне процес на вистински и сериозни реформи кои се многу потребни. Државата мора да се фокусира на државното образование и неговиот спас бидејќи само преку инвестиции во јавниот образовен систем може да обезбедиме напредок на општеството, но и еднакви можности за секоја индивидуа, без разлика на социјалната положба. ,,Ние студентите, сме желни за промени во образованието, доста беше од препишани и пропаднати реформи. Време е да го прекинеме синџирот на лоши реформи и апатични министри и да се издигнеме образованието на повисоко ниво. Македонија има квалитетни студенти, желни за работа и за надоградување, дозволете им да се надоградуваат дома, во својата земја” – рече Ефтимов.
На денешниот настан беа поканети сите политички партии. Декларацијата ја потпишаа претставници на шест партии: Дарко Каевски СДСМ – Коалиција Можеме, Никола Димитров СДСМ – Коалиција Можеме Маја Морачанин ДОМ – Коалиција Можеме, Тимчо Муцунски ВМРО – ДПМНЕ – Обнова на Македонија Синиша Стојановски ВМРО – ДПМНЕ Обнова на Македонија Љупчо Божиновски Македонски концепт, Висар Палоши ДПА, Татјана Гогоска Глас за Македонија.