Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев и носител на листата на кандидати за пратеници од ИЕ 3 вечерва, претпоследниот ден од кампањата за предвремените парламентарни избори, беше во посета на Крива Паланка.
Јанушев рече дека во овие три години се изнагледавме криминал, корупција, лаги, неспособност. Јанушев се осврна тоа што се не направил, односно направил неговиот противник носителот на листата на кандидати за пратеници во ИЕ 3 од СДСМ и кажа дека тој знаел само за криминал потсетувајќи на увозот на бугарски тутун од 300 тони.
Јанушев од Крива Паланка порача дека за сиот сторен криминал ќе одговараат и тоа веднаш од 16 јули.
„Правдата стигнува од 16 јули, правдата ќе ги стигне за сите злодела што ги направија. Велат дека можат, јас би рекол можеа и да покажаа дека можат да лажат, дека можат повеќе криминал, ќе го донесеа и Гугл и Фејсбук но мислам и тоа дека беше дело на некои пранкери. Затоа на 15 јули ќе ги пратиме во историјата сите погрешни политичари и сите погрешни политики“, рече Јанушев.
Јанушев во своето обраќање пред граѓаните се осврна на програмата Проект-Обнова.
„Доаѓаат по околу шест илјади и петстотини денари повисоки плати за секој од вас, или три илјади денари повеќе за секој пензионер, 4 милијарди домашни и странски инвеститори, инвестиции во образованието, за младите, 160 милиони евра за субвенции и тоа со навремена исплата. Нема да дозволиме ниту еден граѓанин да не е задоволен. Ќе работиме со вас почитувани граѓани, за програмата ве слушнавме, разговаравме со вас, и понатаму ќе ве прашуваме за вашите проблеми и ќе ги решаваме“, рече Јанушев.
Јанушев кажа дека доаѓаат политичари кои ќе покажат многу повеќе, дека тоа е генерација која ќе ја обнови Македонија.
„Време е да си го вратиме достоинството, да сме горди што сме од Македонија. Ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик и живеат во Република Македонија. Затоа ве повикувам сите без исклучок да се обединиме и сплотиме, рамо до рамо, референдумски рано наутро да излеземе и да гласаме на 15 јули заокружувајќи го редниот број 14 за 14 пратеници од ИЕ 3“, порача Јанушев.