Претседателот на СДСМ и носител на кандидатска листа на пратеници во изборна единица 4, Зоран Заев на претпоследниот ден од кампањата се обрати на граѓанска трибина на СДСМ и коалицијата „Можеме” во Кавадарци.
„Благодарам на овие озарени лица, благодарам на насмевките и надежта која се надзира зад маските, благодарам што доследно ги почитувате мерките за заштита од корона вирусот. Важно е сите заедно да бидеме вклучени во борбата со корона кризата”, порача претседателот Заев на почетокот од своето обраќање.
„Денеска нашата држава Република Северна Македонија е признаена од целиот свет. Друга Македонија нема во светот. Била Федеративна, Народна, Социјалистичка, но таа е наша земја впишана во архивите со лична карта во ООН. Таму пишува Македонци за сите граѓани плус за помалку бројните етнички заедници, граѓанин на Република Северна Македонија, заради тоа што не се сите по етничка припадност Македонци.
Пишува македонски јазик, ниту фуснота, ниту ѕвездичка. Целосно загарантиран идентитет. Ова беа вековните аспирации на нашите предци, животи положиле, земјата со крв ја потопиле за да денеска тоа го имаме. И денеска ќе лажат и понатаму дека сме изгубиле нешто. Кој? Лажните патриоти? Немојте да им верувате. Денеска добивме сé на светот за што сме се бореле. И тоа е појдовната основа за да ги оствариме економските соништа. Да имаме европска земја тука, во Кавадарци, Ваташа, во Струмица, во Муртино, во Гевгелија, насекаде во државата. Тоа се нашите визии, соништа и идеали, да оставиме нешто повеќе на нашите деца”, порача претседателот Заев од Кавадарци.
Зборувајќи за остварувањето на стратешките цели на земјата, членството во НАТО и почетокот на преговори со ЕУ, претседателот Заев рече дека 30 години ниту еден политичар немаше храброст да направи големи чекори кон остварувањето на овие цели.
„Генетскиот код им е препознаен комплетно. Доста беше, патриот е денеска оној кој што носи повеќе пари кај својот народ, кој што го заштитил македонскиот идентитет, кој што ја направил земјата да биде рамо до рамо со најголемите земји. Тоа беа соништата наши кога го имавме нашето македонско знаме пред седиштето на НАТО. Кога ни играше душата од гордост македонска”, рече претседателот Заев.